Достапни линкови

Политичарите постојано треба да работат на политичкиот бонтон


Прашањето за степенот на политичката култура на гласачите, политичките партии и сите директно инвилвирани субјекти во предизборниот период, сметаат социолозите, се актуелизираат само за време на изборите, иако повеќе од една деценија во Македонија функционира плуралистички политички живот. Најпрвин, што мислат граѓаните за степенот на политичката култура на електоратот во Прилеп?

„Граѓаните во Прилеп имаат политичка култура, знаат да се однесуваат при секое гласање, културно се однесуваат. Тоа го покажуваат на сите претходни избори. Се надевам дека и следните претседателски избори ќе бидат во таа насока.“

„Зависи од самиот човек.“

„До сега нема никаков инцидент, да биде поодбро сме сите.“

„Тоа е право на секој граѓанин и треба да излезе да гласа.“


Социологот, доктор Љупчо Печијаревски смета дека проблемот на политичката култура е крајно сложен и условен од повеќе фактори:

„Почнувајќи од образовниот систем, преку медиумите, но исто така и самите политички партии треба да дејствуваат врз создавањето на политичка култура. Она што се наметнува како клучно прашање, а тоа е зошто политичките партии во текот на целокупниот свој ангажман или во текот на целокупниот политички живот воопшто не сакаат да посветат поголемо внимание врз политичката култура кај граѓаните, туку едноставно тие политичката култура ја оценуваат само во предизборниот период од аспект на тоа дали граѓанинот ќе излезе да гласа или граѓанинот ќе апстинира. Степенот на политичката култура, особено на политичките партии и луѓето коишто треба да ја одгледуваат политичката култура, не би рекол дека е на ниско ниво, туку воопшто не се посветува внимание на тој проблем. Со самото тоа, граѓаните не можат да бидат обвинети дали поседуваат повисок или понизок степен политичка култура.“

А, како што велат правните стручњаци, според уставот на Република Македонија, граѓанинот има само право, но не и обврска да гласа. За успешноста на остваруавњето на процесот на гласање, добро би било во иднина во законската регулатива да се внесе и обврската граѓаните да излезат на гласање, што во никој случај не треба да значи вршење притисок врз гласачкото тело, смета Стевка Николовска, правник и подрачен началник на министерството за правда во градот.
XS
SM
MD
LG