Достапни линкови

logo-print

Интеграциските процеси треба да продолжат


Дали балканските држави се способни да ги победат криминалците. Разговор со Норберт Нидик, автор на книгата Балканска мафија, кој повеќе од десет години се занимава со случувањата на територијата на порешна Југославија.

Во почетокот тоа беа извештаи за воените, а потоа и за политичките настани. Со текот на времето, како што вели Норберт Нидик во интервјуто за нашето радио, му се наметнаа темите во врска со организираниот криминал. Одговорајќи на прашањето дали овој криминал на Балканот е надуена тема во медиумите или навистина претставува сурова стварност тој оценува:

„Тоа сигурно е балканска стварност, за која се пишува во весниците. Но исто така е сигурно дека странските новини кои добро не ги познаваат земјите за кои пишуваат лесно им подлегнуваат на клишеата. Една деценија тоа беа етничките судири и војните. Организираниот криминал е наследник на ваквото поедноставено објаснување на сите проблеми кои владеаат на Балканот. Тоа секако не значи дека нема организиран криминал и оти тој не е сериозен проблем.“

За својата книга под наслов Балканска Мафија Норберт Нидик вели:

„Книгата излезе во март минатата година, два дена пред убиството на Зоран Ѓинѓиќ и тоа секако го привлече вниманието на јавноста, бидејќи милјето за убиството на премиерот детаљно е опишано во таа книга. Тоа е сцена сочинета од политика и криминал, создадена во деведестите и до таа мера е испреплетена што веќе не може да се одвои што е политика а што криминал. Таа формула всушност владее во повеќето балкански земји. Земете го примерот со Македонија во две илјади и прва кога едно цело село беше опколено. Иако изгледаше дека станува збор за прашања за заштита на албанското малцинство што живееше таму, во стварноста се работеше за одбрана на шверцерските патишта. Тоа им претставуваше проблем и на дипломатите кои требаа да го смират конфликтот. Одеднаш без никаква политички или воени причини од Тетово во целост се повлече ОНА. На крајот се испостави дека со тоа било откупено опколувањето на селата со албанско малцинство. Така, криминалните интереси преовладаа и над етничките и над политичките.“

Вели Нидик кој смета дека атентатот врз српскиот премиер Зоран Џинџиќ бил дел од борбата за превласт меѓу Џинџиќ и Легија која, како што додава, ни досега не е завршена. Според него, на криминалците не им дојдено до тоа да ја преземаат власта, туку сакаат да страт се што е можно за да ја слабеат државата.

„Секако државата со својот апарат и инструментите, пред се полицијата, е одговорна за борбата против организираниот криминал. Но, токму таа сила на државите на Балканот е под знак прашалник. Тие се немоќни бидејќи, од една страна и самите се поврзани со организираниот криминал, а од друга, во очите на граѓаните имаат малку да им понудат. Државната власт не е самостојна, партиите управуваат со државните институции, но за разлика од истиот систем во поранешна Југославија, денешните држави нудат многу помалку: социјална несигурност, помалку работни места, полошо образование, помалку надворешен углед, војски кои се закана за мирот.“

Таквите држави тешко ќе можат да го победат организираниот криминал, наведуа Нидик, додавајќи:

„Надеж постои, но не гледам позитивни поместувања. Една од надежите е интеграциските процеси да одат натаму и оти Европа нема да ги затвори границите, внимавајќи никој од Балканот да не влезе таму. Ако се случи тоа, тогаш за сите балакнски земји ќе е предоцна. Тогаш тие за Европа ќе станат она што е Латинска Америка за Соединетите Американски Држави. Подрачје за кое никој нема да се интересира, ниту пак ќе му биде значајно дали таму се развиваат демократски процеси или не. Токму спротивното, заклучува тој, ќе биде добро долу да се воспостави некаков диктатор кој народот ќе го држи под контрола според логиката, во пеколот ѓаволот е позитивен лик. И тоа всушност е најлошото што може да му се случи на Балканот,“

вели во интервјуто за Радио Слободна Европа, Норберт Нидик, автор на книгата Балканска мафија.
XS
SM
MD
LG