Достапни линкови

НАТО и официјално се прошири со седум нови земји членки


НАТО вчера и формално се прошири со седум нови земји, доближувајќи се до границите со Русија. На церемонијата во Белата Куќа, американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека Алијанасата исто така ја задржува можноста од натамошно проширување се додека Европа не биде обединета, слободна и мирна.

Со прифаќањето на седумте нови земји, Естонија, Литванија, Летонија, Бугарија, Романија, Словачка и Словенија, НАТО стана организација со дваесет и шест членки. Според договорот, тие се обврзани воено да се бранат доколку и една од нив биде нападната. Новите членки веќе в петок за прв пат ќе учествуваат на состанокот на Алијанасата во нејзиното седиште во Брисел. Говорејќи пред премиерите на новите земји членки, но и пред премиерите на Македонија, Албанија и Хрватска кои се надеваат на членство во наредниот круг на проширувањето на НАТО, американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека вратата на Алијансата останува отворена се додека Европа не биде обединета, слободна и мирна.

„Заедно Европа и Америка можат да ги водат мирољубивите народи против опасностите на нашето време. Европа и Америка можат да предничат во слободата и да им дадат надеж и поддршка на оние што бараат да не бидат изолирани. Тоа е историската мисија на НАТО, оваа голема и доверлива Алијанса од дваесет и шест земји, и ние гордо ја прифаќаме таа мисија.“

рече претседателот Буш, додавајќи дека новата голема мисија подразбира и борба против меѓународниот тероризам.

„Денес нашиот сојуз се соочува со нов непријател кој донесе смрт за невини луѓе од Њујорк до Мадрид. Терористите го мразат сето она што претствува нашата Алијанса. Ја презираат нашата слобода и се плашат од нашето единство. Тие сакаат да не поделат, но нема да успеат во тоа. Ние нема да бидеме поделени,“

изјави Буш, кој наведувајќи дека седумте нови земји и пред нивниот официјален прием, презедоа важни мисии во Ирак и Авганистан рече дека во овие мисии учествуваат и сили од Македонија, Албанија и Хрватска со што, како што оцени, ја докажаа нивната енергичност како земји аспирантки за членство во НАТО. Инаку, генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Схефер изрази уверување дека Русија дека проширувањето на НАТО не е дизајнирано против Русија. Но и покрај тоа, руското министерство за надворешни работи, преку портпаролот Александар Јаковенко, уште еднаш повтори дека Кремљ има забелешки за приемот, посебно на балтичките земји, во НАТО.

„Со приемот на балтичките земји и со нудењето безбедносни гаранции за нив, многу НАТО членки минуваат на стариот концепт на можноста за војна во Европа. Само со оваа логика може да се објасни опфаќањето на Балтичките држави во заедничкиот систем за воздушна одбрана, како и градењето на нови воени капацитети во близина на нашите граници.“

Изјави Јаковенко. На ист став е и спикерот на Советот на Федерацијата Сергеј Миронов кој најави дека руските армиски сили ќе го следат развојот на ситуацијата на границите што ќе настане по најновото проширување на НАТО.
XS
SM
MD
LG