Достапни линкови

Нивото на моралот и етичноста загрижувачки


Општо правило е дека во политиката нема место за етика, но на македонската политичка сцена, според професорот Љубомир Цуцуловски, нивото на моралот и етичноста се загрижувачки:

„Она што кај нас се случува е навистина загрижувачки, бидејќи не постојат демократски контролни механизми, за да нема неморал и луѓето да бидат принудени законски да се однесуваат според стандардите за секоја демократска држава и за секои демократски претседателски избори, или какви било други избори, вклучувајќи ги тука и локалните.“

Отсуството на моралот е присутно подеднакво и кај опозицијата и кај власта, вели Цуцуловски:

„Како да се работи за една симбиоза, или премолчан договор меѓу опозицијата и власта, не ги бараат своите темни страни и така се штитат.“

Атмосферата на погребот на претседателот Трајковски, што според професорот Цуцуловски беше инструментализиран од сите политички партии од друга страна, како што вели тој, ја покажува потребата кај македонските граѓани од етинчност кај политичките претставници.

„На тие манифестации практично се манифестираше желбата на народот по еден морален политичар. Мислам дека тоа не беше толку тага по еден загубен политичар, туку тага по еден загубен морален чист човечки живот. На тој начин, ми се чини дека народот јасно сигнализираше дека му е потребен и човечен политичар, а не само политички политичар.“

Според професорот Цуцуловски раздвоеноста на моралот и на политиката во Македонија е погубна и за политиката и за човечноста воопшто. Тој сугерира:

„Некако нашите политичари ќе мора да се вразумуваат и да внесуваат елементи на етичност во своето политичко однесување, Ова отрезнување може да дојде најмалку од три страни. Прво, под притисок на јавноста, вториот момент кој може да ги вразуми тоа е изградување на една легислатива каде што навистина би се санкционирале нивните неморални и незаконски однесувања и од трета страна тоа може да биде меѓународниот фактор кој исто така може да изврши притисок во тој поглед. Бидејќи, неморален човек не може никому да му користи, бидејќи тој денеска може да се однесува неморално кон еден, а утре кон друг човек.“
XS
SM
MD
LG