Достапни линкови

Средба на Буш со лидерите на седумте нови земји членки на НАТО


Американскиот претседател Џорџ Буш денеска во Вашингтон ќе има средба со лидерите на 7-те нови земји-членки на НАТО. Во Белата Куќа ќе биде одржана церемонија по повод ова најново проширување на Алијансата, на кое ќе присуствуваат и премиерите на Македонија, Албанија и на Хрватска.

На втори април знамињата на Бугарија, Романија, Летонија, Литванија, Естонија, Словенија и Словачка ќе бидат поставени во седиштето на НАТО во Брисел со што ќе биде одбележан и официјалниот прием на овие земји во Алијансата. Денеска пак во Вашингтон слична церемонија која ја организира американскиот претседател Џорџ Буш, а на која се поканети и земјите аспиранти – Македонија, Албанија и Хрватска. Овие свечености во Вашингтон и во Брисел ќе го означат крајот на долгиот пат кон НАТО на 7-те нови членки, кои беа поканети на самитот во Прага во 2002-ра година. Радек Сикорски, поранешен заменик министер за одбрана на Полска оценува дека ова проширување е исто толку важно како и првото во 1999 година кога членки на НАТО, покрај Полска, станаа и Чешка и Унгарија.

„Ги замислувам нивните чувства, исто како и нашите, пред 5 години, кога му се приклучивме на НАТО. Тоа е конкретна сатисфакција за сите вложени напори и чувство на поголема безбедност, но исто така тоа е и прашање на престиж и прием во клубот на демократски, пазарни и успешни општества.“

Актуелната американска администрација е голем подржувач на натамошната експанзија на НАТО со цел Европа комплетно да стане демократска и слободна. Улогата на НАТО, како заштита од Советската закана, сега е трансформирана во мисија за справување со новите предизвици за светскиот мир, како што е глобалниот тероризам. Од друга страна, со проширувањето на НАТО со нови земји од Европа, Вашингтон ја менува и воената улога на континентот. Командантот на американските сили во Европа Џејмс Џонс изјави дека Пентагон во наредните неколку месеци ќе донесе одлука за новиот план, според кој ќе има редуцирани, помобилни сили кои ќе оперираат од мали бази и кои ќе бидат способни за брзи реакции во реонот од Источна Европа до Африка. Сепак министерот за одбрана Доналд Рамсфелд изјави дека за таквата трансформација ќе бидат потребни неколку години, потврдувајки дека сегашната поставеност на американските сили во Европа во големи бази како во Германија, веќе не одговараат на реалноста.
XS
SM
MD
LG