Достапни линкови

Да се избегнат злоупотребите


Новина во уписната политика во средните училишта годинава е дека ќе се бодира само успехот до осмо одделение, додека дополнителните критериуми при изборот, како што се дипломите, нема да имаат улога:

„Поради тоа што во нашата земја не е јасно дефиниран статусот на тие дипломи, нивото на институциите коишто тие ги даваат. Имаше доста проблеми во самиот упис и училиштата и решивме да се спречат таквите нејаснотии, па да не речам и злоупотреби, годинава да одиме само со успехот.“

Промените во уписната политика, што ги објаснува претставникот за средно образование Агим Фазлиу, отворија повеќе дилеми за нивната ефикасност. Според УСМ бодирањето само на успехот, како што предвидува министерството, ќе претставува едностран и недоволен критериум:

„Во мојата гимназија, Јосип Броз Тито, сите се запишаа со 5.00 успех. Колку е тоа објективно? Понатаму, во средното образование има само по пет ученици во класовите коишто успеваат да го одржат тој просек. Што значи, дека мора да има некаков пропуст во оценувањето, затоа што сите не го заслужувале тој успех.“

Со оправданоста на ставовите на Славица Арсовска се согласуваат и идните кандиати за упис во средните училишта. Претставникот на Министерството за образование Фазлиу вели:

„Грешките ги има секаде. Но, сепак најправедно е да не бидат оштетени децата кои имаат добар успех во училиштата, затоа што ние немаме организиран систем на натпревари во земјата. И тоа ги става децата во неповолна и неправедна ситуација.“

Решението за олеснување на уписот, не е единственото што предизвикува полемики. Според просветните работници, предности, но и слабости има во намерата на министерството со кое се предвидува годинава освен во Скопје да бидат отворени медицински паралелки во неколку други градови во државава:

„Треба да се направи анализа за стопанството. Дали тој кадар што се продуцира ќе направиме хиперпродукција?“

Таквите забелешки се неоправдани, вели Фазлиу:

„Ние само ќе го ублажиме притисокот што го има во медицинското училиште во Скопје со тоа што ќе отвориме две паралелки, медицински сестри во Куманово, една со настава на македонски, а една со настава на албански јазик и во Велес. Значи, само ќе се ублажи притисокот што го имаме во Скопје со децата коишто доаѓаат од Куманово и од Велес.“

Крајот на месецов е рокот во кој Министерството за образование ќе ги објави конкурсите за упис во средните училишта.
XS
SM
MD
LG