Достапни линкови

Елиминирањето на Осама Бин Ладен нема да резултира со целосно запирање на тероризмот


За време на Втората Светска Војна имаше неколку обиди за атентат врз Адолф Хитлер, кои доколку беа успешни ќе значеа и брз крај на Третиот Рајх. Според аналитичарите, ова не важи за Ал Каида, бидејки, елиминирањето на лидерот Осама Бин Ладен и на неговите заменици, нема да резултира со целосно запирање на терористичките напади.

Пакистанските сили ги продолжуваат акциите на границата со Авганистан против милитантите на Ал Каида и нивните приврзаници, но експертите сметаат дека и доколку бидат уапсени или убиени лидерите, оваа терористичка организација има разгранета мрежа што особено ја отежнува битката против неа. Марк Бурџис, аналитичар од Вашингтон, оценува дека лидерите на Ал Каида не можат веќе слободно да дејствуваат во Авганистан, но оти сеуште се способни да ги остваруваат своите цели.

„Каков успех и да гледаме во војната против тероризмот, тој е дисперзиран. Лидерството се растура и се обновува во исто време. Ал Каида нема класична хиерархија и одлуките не се носат од еден центар.“

Ал Каида беше основана од Осама Бин Ладен за протерување на советските трупи од Авганистан, за потоа да се трансформира во организација која се бори против секуларните режими и странското воено присуство во муслиманските земји. За време на талибанскиот режим во Авганистан, Ал Каида имаше тренинг кампови во таа земја и разви свои ќелии во над 50 држави. Соединетите Држави во неколку наврати се обидуваа да го убијат Бин Ладен, но досега без успех. Но и доколку успеат, Ал Каида е флексибилна организација, се согласува Даниеле Плетка, аналитичарка од Вашингтон.

„За разлика од вертикално интегрираните организации, Ал Каида е хоризонтално интегрирана. Тоа значи дека има различни ќелии низ светот кои се поврзани со заеднички идеолошки цели. Тие имаат и заеднички лидери, но можат да оперираат и одвоено и не мора да добиваат команди од еден центар.“

Според аналитичарите, разните терористички групи најчесто добиваат само инспирација од Ал Каида, што упатува на заклучокот дека елиминирањето на лидерите на оваа организација нема да значи и крај на терористичките напади, но сепак ќе претставува морална победа на анти-терористичката коалиција.
XS
SM
MD
LG