Достапни линкови

Уште една победа на Албанците


Минатонеделните насилства на Косово и покажаа на Европа дека нејзиниот единствен проект за косовската иднина, мирен соживот меѓу србите и албанците е само сон. Ова го наведува американската агенција за стратегиски предвидувања Стратфор во нејзината анализа под наслов Уште една победа на албанците.

Стратфор оценува дека минатонеделните настани би требало да ја натераат Европа да се позанимава со прашањето за статусот на Косово ако сака тоа да стане мирно. Во спротивно, како што се наведува, таквите немири ќе продожат и албанското мнозинство, практично ќе наметне де факто решение по сопствена желба. Мнозинските албанци на Косово направија важен чекор кон својата цел на долги патеки, вели оваа агенција, потсетувајќи на изјавата на претседателот на Косово Ибархим Ругова дека немирите во минатата недела нема да го загрозат патот на Косово кон независност. ,,Изјавата на Ругова, оценува Стратфор, доволно кажува за позицијата на албанците по немирите. Иако Ругова не беше директен, значењето на изјавата е дека немирите врз национална основа се неизбежни се додека Косово не стане независно,, Според Стратфор, најмалку што албанското мнозинство постигна е целосната поделба меѓу србите и албанците, српската заедница е дополнително заплашена, а од срцата на многу европејци е истерана надежта дека на Косово е можен мирен соживот. Оваа водечка светска агенција за стратегиски предвидувања, додава дека последните немири ја нагласиле неодржливоста на сегашната рамка за Косово која, како што се оценува, била направена пред се за покривање на немирниот регион, а не за гаснење или придушување на пожарот што сега гори одвнатре. Независноста на целото Косово се вели натаму во анализата на Стратфор, би била неприфитлива за Србија и за другите во регионот, како Македонија и Грција, додека поделбата на Косово по етнички линии би претставувало опасен преседан кој ќе загрижи многу од државите во Централна и Источна Европа. Непожелен преседан ширум Европа, од Босна до Македонија и Трансилванија, би претставувала и кантонизацијата на Косово, што ја предложи српскиот премиер Воислав Коштуница, вели Стратфор во чија анализа се заклучува: Тоа го објаснува европското тапкање во место. Продолжувањето на нејзиното одбивање да се позанимава со конечниот статус на Косово ќе предизвика уште повеќе меѓунационални немири и уште поголеми грижи за европејците, односно, тоа безбедносно ќе ја остави Европа поранлива од опасностите што ги носи нестабилно Косово, вклучувајќи ги тука организираниот криминал и евентуално тероризмот.
XS
SM
MD
LG