Достапни линкови

Директни средби, митинзи и медиумска презентација


Поради кратката предизборна кампања која трае само 14 дена, политичките партии се принудени на редуцирање на активностите кои вообичаено ги превземаат за време на предизборните кампањи. Секоја партија, на свој начин ќе се обиде да ги продобие гласовите на народот. Во првиот дел од кампањата, во СДСМ ќе се концентрираат на директни средби со граѓаните и медиумската презентација. Митинзите ги оставаат за вториот дел од изборната кампања, односно вториот круг од претседателските избори:

„Според проценките кои сега ги правиме во првиот дел од кампањата не е предвидено да има бројни митинзи, туку повеќе ќе се сконцентрираме на средби со граѓани, на теренска кампања и настапи по локалните медиуми,“

изјави претседателот на изборниот штаб на Бранко Црвенковски, Владо Бучковски.

За разлика од нив, во ВМРО-ДПМНЕ митинзите ќе бидат во преден план. Предвидено е да се одржат митинзи во поголемите градови во земјава:

„Агендата е веќе готова. Доста е набиена, меѓтуоа веруваме дека ќе успееме да оствариме се што сме испланирале. Ќе одржиме 12 митинзи, во поголемите градски центри. И некаде околу 50-тина или да бидам попрецизен 47, во помалите центри, општини или пак средби со граѓани,“

изјави Лазе Телеков, портпарол на претседатеслкиот канидат на ВМРО-ДПМНЕ Сашко Кедев.

Во изборниот штаб на претседателскиот штаб на ДУИ пак, Гзим Острени, велат дека поради кратката изборна кампања повеќе ќе се фокусираат на средби со граѓаните:

„Кампањата нема да биде скапа, нема да биде спектакуларна, не само заради краткиот временски термин, туку и заради трендовите во државава. Ќе организираме директни контакти со граѓаните, со гласачите со симпатизерите, а ако не повеќе еден – два отворени митинзи ќе има,“

изјави заменик – шефот на изборниот штаб на Острени Џевад Адеми.

Во ДПА, сеуште се подготвува стратегијата за настап пред електоратот, иако и оттаму велат дека директната агитација меѓу населението, по се изгледа ќе биде во преден план за време на изборната кампања на нивниот претседателски кандидат, Зуди Џелили.
XS
SM
MD
LG