Достапни линкови

Нема законска пречка за ангажирање на министрите во изборната кампања


Нема законска пречка за ангажирање на министрите во изборната кампања на претседателскиот кандидат на СДСМ кој пак е премиер, велат во Транспарентност Македонија. Но, оттаму укажуваат дека во земјава и досега имало пракса првите луѓе на изборните штабови да бидат предводени од министри, но како што велат, тоа не значи дека воспоставената пракса која е лоша, треба да продолжи и во иднина. Ова, според оваа организација која се занимава со конфликтот на интереси, е знак дека во земјава има преголемо преклопување на партиското и државното:

„Единствено што мора да се направи е да се стесни просторот, во којшто премиерската позиција ќе може евентуално да се употреби во изборната кампања. Она што е реално, како состојба, е дека надлежностите на претседателот, и надлежностите на премиерот, или на владата се преклопуваат во релативно мал дел, така што на овие избори ќе треба да се направи избегнување можност од прикажување на резултатите од работењето на владата како средство коешто може да се искористи во кампањата. Или пак, во најмала рака треба да се воспостават правила за тоа на кој начин треба да се води кампањата. За жал, она што не очекува сега е, мислам дека најмал дел од времето во кампањата ќе се потроши за вистинските надлежности на претседателот, а повеќе ќе се говори за секојдневните политички настани или политички случувања во Република Македонија кои не мораат да имаат голема врска со функцијата претседател,“

вели Зоран Јачев прв човек во Транспарентност
Македонија кој додава:

„Ќе треба добро, како и во минатото, да се внимава да не се злупотребуваат ресурсите на министерствата во кампањите, како што се превозните средства, луѓето итн.“

Експертите пак од областа на уставното право за премиерската функција на Бранко Црвенковски кој е претседателски кандидат посочуваат

„Во моментот кога че отпочне кампањата, би требало функцијата премиер, или претседател на владата на Република Македонија, господинот Бранко Црвенковски да ги сведе на минимум или уште подобро, да го овласти еден од потпретседателите на владата, да закажува седници, да ги води седниците, затоа што тој ќе биде во активностите на кампањата,“

вели Саво Климовски од Правниот факултет.

Јачев смета дека оваа ситуација покажува дека во иднина треба да се регулира прашањето за евентуалниот ангажман на министрите во изборните кампањи. За да не се остави простор пак за сомнеж дека ова би влијаело на одржување на фер и демокртаски избори во конкретниов случај тој предлага:

„ДИК евентуално или уставниот суд треба да се произнесе по ова прашање.“
XS
SM
MD
LG