Достапни линкови

logo-print

Идното проширување на ЕУ зависи од интеграцијата на десетте нови членки


Европската Унија во мај годинава ќе го доживее најголемото проширување во нејзината историја. Тоа од друга страна ќе претставува и можност на Унијата да испита дали следното проширување ќе се одвива според сегашните критериуми, меѓу кои главен е идните земји кандидати да ги исполнат строгите стандарди за влез во Европската Унија. Аналитичарите сметаат дека идното проширување ќе зависи и од тоа како новите десет членки се интегрирале во Унијата.

Први мај, Европската Унија во нејзино членство ќе земе десет нови, повеќето источноевропски земји. Тоа се оценува како историски чекор кон целосното обединување на Стариот Континент. Наредното, помало проширување се очекува по три години кога во Унијата би требало да влезат уште Бугарија и Романија. Но, аналитичарите велат дека во самата Европска Унија почна да се намалува општата поддршка за натамошни проширувања на блокот. Како причини за ова се наведуваат, големите трошоци на преземањето на новите десет членки и бавната имплементација на европските стандарди во тие земји. Џоан Хоj од лондонскиот оддел на Економист интелиџенс за Радио Слободна Европа вели дека Европската Комисија покажува поголема строгост спрема евентуалните нови кандидати.

„Иако Европската комисија вели дека преговорите ќе се одвиваат на исти основи, очигледно е дека целата клима се смени и дополнително ќе се менува по мај две илјади и четврта. Постои замореност од проширувањето и поддршката се намалува. Во Унијата расте и нервозата околу финансиските трошоци на ова проширување.“

Како на извесен знак за ваквото расположение може да се гледа и на жестокото предупредување што Европската Унија и го испрати на задреманата Романија во минатиот месец. Во него се вели дека таа земја, доколку не преземе решителни чекори за менување на своето зеконодавство и не ја намали корупцијата, ризикува да ја пропушти шансата за влез во Унијата во две илјади и седма година. Од друга страна, случајот со Романија го покрена прашањето дали идните кандидати би требало да станат членки пред нивното исполнување на строгите евро стандарди. Притоа аналитичарите го посочуваат примерот со Грција која во илјада деветстотини осумдесет и првата година стана членка на Европската Унија иако беше целосно неподготвена за тоа. Сепак Кристи Хјуз од бриселскиот Центар за европска политика смета дека прифаќањето неподготвени земји, по годинашното проширување, би можело да ја поткопа Европската Унија.

„Очигледно, ако земјите се прифатат кога тие не се подготвени, посебно кога се соочуваме со вакво големо проширување, тоа ќе ја поткопа Европската Унија.“

Евро заканата спрема Романија би можело да претставува пример и за другите земји како Македонија, Албанија, Србија Црна Гора, Хрватска и Босна кои веќе го изразија својот интерес за влез во Унијата. Но, Том Галагер политички аналитичар од Братфорд верува дека Европската Унија ќе го преземе ризикот и ќе ја прифати Романија пред таа да биде подготвена за членство.

„Ако процесот за влегување на Романија тргне на лошо, мислам дека тоа ќе ја намали мотивацијата и решеноста за проширување со другите Балкански земји.“

Вели Галагер. На такво мислење е и Кристи Хјуз:

„Европската Унија треба да донесе политичка одлука за тоа дали да оди уште подалеку на Исток и да констатира: Ние имаме граници. Имаме точка кога ќе стопираме проширувањето и кога е подобро од нашите соседи да направиме добри пријатели отколку наши членки. Тоа мислам е она што Унијата веќе јасно им го порача на Украина и на Молдова.“

Вели Кристи Хјуз од бриселскиот Центар за европска политика.
XS
SM
MD
LG