Достапни линкови

Обновени инциденти во некои градови


На Косово претпалднето беа обновени инцидентите во некои градови. Така, според последните информации, во јужниот дел на Косовска Митровица дошло до нови судири меѓу албанците и претставниците на УНМИК и на КФОР. Тие биле принудени да употребат солзавец за да го спречат влегувањето на албанците во северниот, српски дел на градот. Агенциите јавуват дека во Косовска Митровица биле запалени конаците на црквата Свети Сава. И во Обилиќ, близу до Приштина денеска повторно дојде до ескалација на немирите. Портпаролот на мисијата на Обединетите Нации Анџелина Џозеф изјави дека биле запалени православната црква и неколку куќи во сопственост на србите. Таа додаде дека полицијата се обидува да ја стави под контрола ситуацијата во тој град. Судири меѓу КФОР и албанците имало и во Урошевац.

Во меѓувреме илјадници лица демонстрираат во Приштина и во Пеќ, градови кои се под целосна блокада на КФОР кои добиле наредба да користат сила за запирање на насилствата. За смирување на ситуацијата НАТО реши да испрати и дополнителни сили. Портпаролот на СФОР во Босна Дејв Саливан соопшти дека над стотина американски војници од Тузла веќе заминале за Косовска Митровица и оти уште две единици се ставени како резерва. Британското министерство за одбрана денеска најави дека на Косово ќе испрати уште седумстотини и пеесет нови британски војници. Се очекува набрзо да биде донесена одлуката кога тие би биле распоредни во Покарината. Претставникот на Алијансата Џејми Шеј во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека ќе биде преземно се за спречување на натамошните насилства на Косово.

„КФОР очигледно ќе стори се што е можно и ќе ги распореди сите свои сили за да помогне во вражањето на редот и поредокот што е можно побргу.“

Изјави Џејми Шеј. До ова дојде по вчерашните судири во кои загинаа над дваесет лица, а околу пет стотини беа повредени, од кои дваесетина, како што јавуваат агенциите, потешко. Портпаролот на полицијата на УНМИК Дерек Чепел за австриската државна телевизија рече дека вчерашните насилства на Косово биле координирани. ,,Насилствата почнаа на повеќе места во исто време, што укажува дека тоа било однапред планирано,, оцени Чепел. Шефот на координациониот центар за Косово Небојша Човиќ денеска во Косовска Митровица изјави дека србите на Косово мораат да се бранат и оти УНМИК и КФОР не се во состојба да воспостават мир во Покраината, односно дека со тоа паднал во вода концептот за мултиетничност. Како реакција на косовските судири во текот на изминатата ноќ имаше протести во повеќе градови во Србија. Во Белград и во Ниш беа запалени и демолирани тамошните џамии. Во овие два града протестите продолжија и денеска.
XS
SM
MD
LG