Достапни линкови

Економската соработка заостанува


На македонско – чешките односи во наредниот период ќе се стави акцент на економската соработка, истакнаа македонскиот и чешкиот премиер, Бранко Црвенковски и Владимир Шпидла.

„Односите меѓу двете земји се пријателски на многу високо ниво. Во наредниот период посебно внимание треба да посветиме на економската соработка, каде што сеуште има неискористени потенцијали.“

рече Црвенковски, а Шпидла додаде:

„Разговаравме за можноста за зголемување на економската соработка, бидејќи главен мотор на чешката економија е заедничка меѓународна соработка. Во разговорите се покажа дека трговската размена меѓу двете земји е далеку под можностите.“

И од Министерството за економија посочуваат оти економската соработка меѓу двете земји е незадоволителна:

„Досегашната економска соработка, особено во делот на трговијата е незадоволителна. Тоа се докажува и во обемот на трговска размена, на пример, минатата година тој обем изнесувал 15 милиони долари, што е впрочем и највисок во однос на изминатите неколку години и тоа пред се се должи на увоз од Чешката Република, кој лани изнесувал 12 милиони долари, а само три милиони е извоз на наши стоки и услуги на чешкиот пазар. Вкупната трговска размена не надминала повеќе од 0,5 насто од вкупната размена што ја има Македонија со светот, што е незадоволителна трговска размена, што се должи пред се на високите царини.“

вели Гоце Пачемски, портпарол на министерството за економија, кој вели дека перспективите за зголемена соработска се отвораат по 1-ви мај 2004 година кога Чешка влегува во ЕУ.
XS
SM
MD
LG