Достапни линкови

logo-print

Бранко Црвенковски единствен кандидат


Членовите на претседателството на СДСМ едногласно и со консензус одлучија лидерот Бранко Црвенковски да биде единствен кандидат на партијата за претседател на Македонија на претстоините избори:

„Како единствен кандидат за претседател на Република Македонија е утврден господинот Бранко Црвенковски, претседател на партијата и тоа едногласно со консензус од страна на сите членови на претседателството,“

изјави партискиот портпарол Борис Кондарко, по завршувањето на седницата на претседателството на партијата. И покрај тоа што најавуваше дека ќе оди до крај, Тито Петковски, сепак се повлече:

„Јас отсекогаш јавно говорам, пишувам, ако една партија зависи од еден човек, тешко на таа партија, и мислам дека клучот овде треба да лежи во делегатите на конвенцијата, во органите, централниот одбор, претседателството. Господин Црвенковски точно е претседател на партијата, меѓутоа на конвенцијата има само еден глас.“

Вака гласеше изјавата на Петковски, а зошто се решил да се повлече за сега не е познато:

„Одлуката на претседателството е цврста и јасна,“

рече Кондарко.

Со објавувањето на името на претседателскиот кандидат од владеачката СДСМ, се заокружи бројката осум кандидати кои треба да учествуваат на претседателските избори. Од нив пет веќе ги исполнуваат условите, додека тројца од нив, до последен ден, односно 24 март, ќе се обидат да ги соберат потребните 10 илјади потписи.

ДУИ и ПДП на конвенција во Тетово, исто така го промовираа својот заеднички претседателски кандидат Гзим Острени. На Република Македонија и е потребен соживот, а не поделби кои видат кон употреба на сила и губење човечки животи, рече Острени во обраќањето пред присутните на конвенцијата.

Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе започна предизборната кампања. Беше промовиран изборниот штаб на Сашко Кедев. Претставниците на меѓународната заедница во земјава, очекуваат фер и демократски избори:

„Претседателските кандидати треба да гледаат напред. Очекуваме конструктивна дебата во предизборната кампања,“

изјави портпаролот на ЕУ во Македонија Шина Томсон.
XS
SM
MD
LG