Достапни линкови

Фаворит Владимир Путин


Утре во Русија ќе бидат одржани четвртите претседателски избори од паѓањето на комунизмот во таа земја. Петмина кандидати ќе се тркаат против Владимир Путин, сегашниот и, како што покажуваат последните анкети, и иден шеф на државата.

Владимир Путин одби да земе учество во телевизиските дебати со против кандидатите, но и да бидат емитувани негови политички спотови. Тоа иако изгледаше како давање поголем простор за предизвикувачите на Путин, нивните кампањи во медиумите можеа да се дефинираат со паѓањето на некое дрво во Сибир. Или со други зборови, што ако паднало, кога во огромното пространство тоа никој не може ни да го забележи. Имено, државничките активности на Путин, како што велат посматрачите, беа толку опширно следени што нему и воопшто не му требаше изборна кампања. Затоа тие се согласуваат дека Путин ќе победи. Единствено не знаат со каков одѕив на избирачите. Според Уставот, за да бидат изборите важечки треба да излезат пеесет насто од над сто милионското гласачко тело. Токму поради тоа, властите ги искористија сите можни извори за да обезбедат висок одѕив. Памфлети, постери, билети за рок концерти. Во некои делови на рускиот Далечен Исток неколку болници дури соопштија дека нема да ги примаат пациентите доколку претходно не го ставиле својот глас во избирачките кутии. Од одговорите на московјани во врска со неделните избори може да се извлече заклучокот кој би гласел: баш ми е гајле.

„Не знам зошто се овие избори. Не знам што тие значат. Ние веќе имаме претседател и влада. Ние веќе живееме, како во времето на Брежњев.“

„Путин секако ќе биде избран, па зошто да одам да гласам.“


Сметаат Марина и Олга. Од друга страна, Маша и Ирина велат дека ќе гласаат за Путин. Нивниот резон е дека во ваква ситуација е подобро да се поддржи победничката страна.

„Што ќе ни е некој друг. Ако дојде некој нов, ќе измисли нешто ново. Не знам.“

„Во секој случај тој ќе добие втор мандат.“


Економски животот на многу руси, од доаѓањето на Владимир Путин на власт се подобри, а има и такви кои и покрај војната во Чеченија и стравот од тероризам, му се благодарни за извесната стабилност во нивното секојдневие по хаосот што ја имаше зафатено земјата во минатата деценија. Затоа и неговиот личен рејтинг постојано растеше и сега изнесува дури осумдесет проценти. Кремељ очекува тоа и да биде потврдено за време на изборите што ќе се одвиваат на деведесет и пет илјади гласачки места во Русија. Но, и покрај тоа што таа земја се протега на единаесет часовни зони, прелиминарните резултатите се очекуваат многу набрзо по затворањето на избирачките места.
XS
SM
MD
LG