Достапни линкови

Победа на конезрвативците


Грчките конзервативци победија на вчерашните парламентарни избори во земјата. Со тоа заврши десет годишното владеење на социјалистите, а донесе нова влада која треба да се грижи за тешките подготовки на годинашните Летни Олимписки игри. Нова Демократија, според досегашните резултати, има четириесет и седум поценти, а ПАСОК четриесет и еден насто од гласовите.

Лидерот на ПАСОК Јоргос Папандреу го призна поразот кој всушност претставува и најдлабока промена на грчката политичка сцена во изминативе десет години.

„Му пожелувам на господин Караманлис успех во новата работа за доброто на сите во Грција. Сегрчкото социјалистичко движење, по долгиот период на власт, останува силно.“

Социјалистите во Грција во изминативе дваесет и две години владееја деветнаесет, со тригодишниот прекин во почетокот на минатата деценија. Конзервативците, предводени од четириесет и седум годишниот Костас Караманлис, во прославувањето на победата по улиците, покрај сините партиски знамиња, го носеа и она на Олимписките игри како уште една потврда дека тие ќе бидат главната задача на новата влада. Не чека тешка работа, вели градоначалникот на Атина Дора Бакојани, чиј татко, поранешниот премиер Константин Мицотакис, е почесен претседател на Нова Демократија. Тоа, во победничкиот говор го потврди и лидерот на оваа партија Караманлис кој од друга страна рече дека токму Олимписките игри ќе бидат можност за Грција да го покаже нејзиното модерно лице.

„Денеска, со вашето гласање, ја покажавте вашата желба за политички промени и за нова политика во оваа нова ера во која живееме.“

Рече Караманлис кој ќе биде најмладиот премиер на Грција досега. Вчерашните избори, според аналитичарите, ги стави гласачите на крстосница: Да се држат до социјалистите или да се свртат кон конзервативците чиј сегашен лидер никогаш не бил во владата. Експертите додаваат дека ПАСОК е казнет поради неговата поврзаност со корупцијата и поради политичката ароганција како последица од долгогодишното владеење на таа партија. Грчкиот народ гласаше против старото и надежите ги инвестира во новото, велат добрите познавачи на грчката политичка сцена, додавајќи дека вчерашните избори покажаа големи промени во мислењата на грците кои од паѓањето на воена диктатура во илјада деветстотини седумдесет и четвртата година се цврсто лево ориентирани. Но, падот на ПАСОК се насетуваше уште од поодамна. Имено, пред четири години, оваа партија преживеа во владата со изборна победа од само еден насто пред Нова Демократија. Многумина грци им забележуваа на социјалистите дека не успеале, како во некои други земји од Европската Унија, да го модернизираат грчкото стопанство, што според нив, е и главната причина за паѓањето на животниот стандард, односно високите цени предизвикани од воведувањето на еврото. Како и да е, пеесет и едно годишниот Јоргос Папндреу сега ќе мора да ги води социјалистите во, за нив, непознатата улога на опозиционери.
XS
SM
MD
LG