Достапни линкови

Погребан претседателот Борис Трајковски


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обрати прв на погребната церемонија на претседателот Борис Трајковкси. Никогаш во животот не сум го правел тоа, ниту пак очекував дека животот ќе ме донесе во една ваква ситуација, на ваков начин, за последен пат да се поздравам, со еден голем Македонец, голем државник и голем пријател, рече Груевски.

„Како претседател на Македонија, мислам дека најголемиот напор и желба му беше да ги обедини граѓаните на Република Македонија, без разлика на нивната верска припадност, етничка припадност, или политичка припадност. Денес сите ние сме тука обединети, и Македонци и Албанци, и христијани и муслимани, и од сите партии. Ние, неговите од ВМРО, тука е и СДСМ и ДПА и ДУИ, сите други, дури и оние кои најмногу ги негираа неговите напори, денес се горди што го имавме како држава. Тој остави неизбришлива трага во македонската историја.“

Во име на меѓународната заедница, последен поздрав до претседателот Борис Трајковски упати Романо Проди, претседател на Европската комисија.

„Со нетрпеливост ја очекуваме вашата апликација за членство во Европската унија, а доколку апликацијата можеше да биде посветена некому, таа ќе требаше да му биде посветена на Борис Трајковски Ние веруваме во оваа земја, и во нејзината волја и определба да се интегрира во европските структури, и сигурни сме дека преземените чекори ќе бидат наградени со успех.Треба да се сака Европа онолку силно колку што неа ја сакаше Борис Трајковски.“

рече Проди.

„Во овие изминати четири години, приликите при оваа проклета професија, наречена политика, наложија во исто време да станеме и пријатели и противници, и да соработуваме и да се критикуваме,“

рече во својот говор премиерот Бранко Црвенковски

„Во 2001 ти беше најзаслужен што не ни се случи катастрофа. Стоечки ги издржа сите критики. Те обвинуваа дека си предавник, а ти го направи најпатриотското нешто. Те обвинуваа дека си плашливец, а ти го направи најхраброто нешто. Ти, повеќе од било кој друг, ја запре војната и ни го врати мирот. Во оваа прилика ми рече, после десет години, сите ќе се уверат дека сум бил во право. Борисе, не беа потребни десет години. Веќе денеска Македонија ти го оддава своето признание. Денес знаеме, дека ти гледаше подалеку, мислеше подлабоко, веруваше повеќе.“

Не погребната церемонија се обрати и бискупот на евангилистичко-методистичката црква чиј припадник беше покојниот претседател Борис Трајковски.
XS
SM
MD
LG