Достапни линкови

Недостига глобална визија за Балканот


Страхувам Европската Унија и Соединетите Држави, како единствен одговор за проблемите на Балканот да не го најдат намалувањето на ангажманот и со тоа регионот да му го препушат на неизвесноста. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го оценува италијанскиот генерал Фабио Мини кој своевремено беше командант на НАТО силите за Јужна Европа, а до октомври минатата година и командант на меѓународните сили на Косово.

Балканот, според генерал Фабио Мини, е подрачје во кое со векови ништо не се постигнува без наредби. Меѓународната заедница пак, како што додава Мини, за овој комплексен регион изнаоѓал стереотипни решенија кои теориски се добри за секоја ситуација, но не и во практиката.

„Она што го сметам за многу сериозно е недостигот на глобална визија за проблемите на Балакнот. Балканот не е дел од таа визија кога станува збор за безбедноста и се посматра многу локално. Тој недостиг на глобална визија овозможи да се дефинира регионална визија, па државите во тоа подрачје се одсечени од донесувањето одлуки, но и од одговорноста.“

Генерал Фабио Мини додава дека клучната концепциска тешкотија на меѓународната заедница е тоа што со хомогенизација сака да наметне стабилност. Таа, според Мини, барајќи најдобри институционални форми на Балканот се задоволила со провизорни решенија.

„Босна е плод на алхемија, а тоа значи на политички и стратегиски компромис, кој требаше да даде одредени резултати. Дејтонската спогодба имаше голема улога во запирањето на војната и на големата трагедија. Но, што се однесува до обновата, посебно на институционален план, не беше остварено она што се очекуваше.“

Одговорајќи на прашањето дали американската интервенција во Ирак и војната против тероризмот само ги замаглија трансатланските несогласувања околу Балканот, генерал Мини вели:

„Не. Всушност на ова гледам спротивно. Настаните во последниве години се чини ми го потврдуваат тоа. Мислам дека Соединетите Држави сакаат да ги намалат обврските во смисла на воено присуство, додека Европа се уште се двоуми да ја преземе одговорноста за Балканот во целост. Она од што страхувам е дека европските земји, сојузнички во НАТО и Соединетите Држави, да не го гледаат единственото решение во намалувањето на обврските со што Балканот ќе го вратат во состојба на неизвесност и нестабилност.“

Смета генерал Мини, кој додава дека отвореното и драстично повлекување на Русија од регионот е потврда на новата прагматична политика.

„Во тој потег исто така гледам стратегиски избор кој претставува нешто ново. Ние всушност имаме потреба од нови потези. Мораме да се менуваме и да се развиваме. Тоа од нас го очекуваат и балканските земји.“

Фабио Мини за најголем проблем во овој момент на Балканот го наведува новиот бран на национализам како што е случајот со Србија.

„Една од последиците што ги гледам е тоа дека идејата на национализмот, идејата на политички поделби, може да биде победничка и во другите делови на Балканот. Тоа е многу опасно. Новиот бран национализам кој повторно ги исфрлува на површина личностите како Шешељ и Милошевиќ претставува голем чекор назад. Мислам дека тоа нема да помогне во решавањето на проблемите на Балканот,“

вели италијанскиот генерал Фабио Мини во интервјуто за Радио Слободна Европа.
XS
SM
MD
LG