Достапни линкови

Посмртните останки в среда во Скопје, погребот в петок


Телото на претседателот Борис Трајковски е идентификувано, потврди македонската влада. Неговото тело во Скопје ќе пристигне в среда, а погребот ќе се изврши в петок:

„Потврдата е добиена од лабораторијата за ДНК анализи, при заводот за судска медицина и криминалистика при медицинскиот факултет на загребскиот факултет, под раководство на доцент др Мулан Кубат. Процесот на идентификација за останатите тела продолжува. Во среда од Сараево, со највисоки почести од властите на БИХ, ќе бидат испратени посмртните останки на претседателот. Во Скопје се очекува да пристигнат во попладневните часови, каде што како сте веќе информирани ќе бидат пречекани со сите највисоки државни и воени почести. Закопот на претседателот Траковски ќе биде организиран в петок. Денот петок, ќе биде неработен и ден на жалост,“

изјави вице-премиерот Јован Манасиевски.

Претходно владата во интерес на побрзо расветлување на вистината за авионската несреќа на претседателот Борис Трајковски упати писмо до генералниот секретар на НАТО Јап Де Хоп Шефер. Откривањето на вистината за причините на оваа трагедија е во интерес на Република Македонија и на НАТО. Свесни дека истрагата за авионската несреќа е во надлежност на федералните власти на БИХ, но имајќи предвид дека контролата на воздишниот коридор на аеродромот во Мостар е во надлежност на францускиот контингент на СФОР, ве молиме НАТО и вие лично да се заложите за сите релевантни податоци на несреќата да ги ставите во функција на истрагата, како и логистички да ја поддржите истата, се вели во писмото на премиерот Црвенковски упатено до генералниот секретар на НАТО Јап Де Хоп Шефер.

Сеуште не е решено и каде ќе бидат испратени црните кутии од авионот, изјави министерот за правда Иџет Мемети.

„Ќе се донесе заедничка одлука, утре во Сараево, и тогаш точно ќе се знае на кое место ќе бидат дадени тие материјали.“

А, Македонија сеуште се простува од нејзиниот претседател Борис Трајковски. Во Собранието се одржа комеморативна седница, на која зборуваше првиот парламентарец Љупчо Јордановски:

„Трајковси и припаѓаше на генерацијата млади, модерни, европски политичари. Миротворец на Балканот, разумен политичар, човек со демократски визии, човек за мир и дијалог, почитуван лидер и пријател. Со неговите активности Република Македонија доби лидерско место во регионот. Ова придонесе за натамошно приближување на Република Македонија и другите земји во регионот до ЕУ и до структурите на НАТО.“

Голем е интересот на странските медиуми и државници, кои најавија присуство на погребот на претседателот Борис Трајковски. Според министерството за надворешни работи, во овој момент свое присуство на погребот најавиле делагации на: САД, Русија, Кина, Холандија, Грција, Турција, Шпанија, Португалија, Норвешка, Словенија, Летонија, Украина, Бугарија, Албанија, Хрватска, Србија и Црна Гора, како и високи претставници на НАТО и на ЕУ.
XS
SM
MD
LG