Достапни линкови

Присуство на погребната церемонија најавуваат голем број држави во светот


Голем број држави од светот со свои делегации, најавуваат присуство на погребот на претседателот на државата Борис Трајковски. Од земјите од регинот, според најавите, делагациите ќе бидат предводени од највисоките претставници на тие земји. Во меѓувреме, пред церемонијата, делагација од Албанија, предводена од министерот за одбрана Пандели Мајко, во името на владата на таа земја, пристигна во Македонија, да го пренесе сочувството на албанскиот народ, за трагичната смрт на Трајковски.

„Дојдов да се сретнам со мојот пријател Бучковски, за да го изразам сочувството за загубата на еден многу скапоцен пријател кој може да се смета за архитект на соживотот на Балканот. Со својата смрт, тој на Македонија и даде многу скапоцен подарок, а тој подарок е љубов што доаѓа од сите страни, од целиот свет. Ова се случува многу ретко, се случува за ретки луѓе,“

рече Мајко, по средбата со неговиот македонски колега Владо Бучковски.

„Во вакви тешки моменти се познаваат пријателите и со оваа посета и Република Албанија покажува и докажува дека во регинот ни е искрен пријател.“

Оваа посета на Македонија претставува прва посета на делегација од земјите од опкружувањето, што официјално изразија сочувство за трагиѓчното загинување на Трајковски со пристигнување во Македонија. Министерот Бучковски во таа насока рече:

„Претседателот Трајковски беше еден од оние најистакнати поединци во нашата држава кој инстистираше токму на развојот на пријателските односи помеѓе Република Македонија и Република Албанија. Ако тоа беше аманет, развојот на македонско албанските односи, развојот на односите помеѓе двете држави, како гаранција за стабилност во регионот, верувам дека со нашите средби во иднина ќе докажеме дека пораката и сето она што тој го правеше на ниво на релации помеѓе Република Македонија и Република Албанија ќе продолжи.“

Во меѓувреме, одборот за погреб на претседателот во Македонија ги дефинира останатите детали од процедурата, според која странските државници што ќе пристигнуваат во земјава ќе можат да му изразат почит на претседателот Трајковски. Душко Узуновски портпарол на МНР, што е задолжено за организацијата за присуството на странските државници вели:

„Броен е интересот, не може конкретно да ги набројам големиот број делегации коишто покажуваат интерес, но наскоро ќе излеземе и со таква информација кога ќе го знаеме точниот датум на церемонијата.“

Паралелно на овие, се организираат и активности од страна на надлежните министерства за обезбедување на безбедноста за време на церемонијата. Според оценките на портпаролот на Министерството за одбрана Марјан Ѓуровски, генерално во државава:

„Безбедносната состојба во земјава и регионот е стабилна.“
XS
SM
MD
LG