Достапни линкови

logo-print

Најавено присуство на повеќе странски делегации


Поради пренасочување на сообраќајот во Скопје на дел од улиците поради одржувањето на комеморативната седница во Собранието, што се совпаѓа пак, со работата на комуналните служби врз уредувањето на асфалтот, можноста од метеж во градот дополнително се зголемува. Од овие причини:

„Во случај кај што се оценува за потребно, секако дека ќе има зголемено присуство на полиција, на сообраќајниците и каде што ќе има потреба.“

вели Борче Пешевски. МВР паралелно со овие, ги утврдува и мерките што ќе бидат преземени на денот на погребот на претседателот Трајковски. Останатите институции исто така работат под вонредно темпо. Работата врз парцелата каде што ќе биде погребан Трајковски е при крај, констатираат претставниците на одборот за погреб:

„Во овој момент интензивно се работи на доуредување на просторот. Гробницата е веќе подготвена, сега се работи на подигнување на платформите за шефови на странски делегации, за домашни високи претставници како и две платформи за претставниците на средствата за јавно информирање.“

Портпаролот на одборот Веле Митановски, вели дека терминот на погребот сеуште не е познат, но извесно е оти освен од домашната и странската јавност, голем е бројот на претставниците од медиумите што ќе ја следат церемонијата:

„До овој момент во Агенцијата за информации, акредитација побарале околу 600 претставници на медиуми од земјата и од странство, околу стотина од странство.“

Притиснат од терминот кој не е познат, градот се обидува да ги закрпи улиците, по кои ќе се одвива церемонијата и да го уреди просторот околу нив. Особено интензивно се работи на улиците што водат во правец на гробиштата во Бутел, каде што се наоќа парцелата:

„И на улицата Цетињска, којашто беше во лоша состојба заради градење на инфраструктура од страна на општина Чаир, и којашто беше раскопана и немаше ниту асфалт, меѓутоа сега и неа ја превземаме да ја доведеме во нормална состојба, значи комплетно нов асфалт и комплетно нови зафати.“

вели Бранка Станоевска од градското собрание.
XS
SM
MD
LG