Достапни линкови

Редици граѓани му оддаваат почит на претседателот Трајковски


Трет ден од тридневната жалост во Македонија. Граѓаните продолжуваат да му оддаваат почит на претседателот Трајковски и останатите што загинаа во авионската несреќа кај Мостар. Во тревникот пред Собранието постојано се палат свеќи и се положува цвеќе, а во парламентот редици граѓани продолжуваат да ги впишуваат своите пораки и впечатоци во книгата на жалоста. Таква порака денеска потпишува и албанскиот министер за одбрана Пандели Мајко. Тој во името на владата на таа земја пристигнува во Македонија, придружуван од заменик-началникот на генералштабот на Република Албанија на средба со неговиот македонски колега Владо Бучковски:

„Со цел како претставник на владата на Република Албанија да изрази сочувство за загинувањето на претседателот Борис ТРајковски и членовите на делегацијата во авионската несреќа. Министерот Мајко ќе се сретне со министерот Бучковски пренесувајќи ги изразите на сочувство и истакнувајќи ја улогата на претседателот Трајковски во процесот на стабилизација на Република Македонија и пред се на регионот. За време на престојот, албанскиот министер за одбрана ќе се потпише во книгата на жалост отворена во министерството за одбрана.“

Во контекст на безбедносната состојба во државава по трагичната судбина на Трајковски, портпаролот на министерството за одбрана рече:

„Безбедносната состојба во земјава и регионот е стабилна.“

Во меѓувреме во државава, надлежните министерства продолжуваат да ги координираат чекорите за организирање на погребот на претседателот Трајковски. И мерките за безбедност на тој ден. Процедурата на подготовки е започната и на гробиштата Бутел, каде што Трајковски ќе биде погребан во алејата на великаните. Според последните најави, денот на погребот на претседателот Трајковски ќе биде познат кога ќе заврши експертизата и идентификацијата на телата на загинатите.

„Одборот и препорача на Владата на Република Македонија да донесе одлука, денот на погребот да биде неработен и ден на жалост. Комеморативната седница на Собранието на Република Македонија ќе се одржи в понеделник, на 1-ви март во 12 часот,“

рече владиниот портпарол Сашо Чолаковски.
XS
SM
MD
LG