Достапни линкови

Балканот загуби неуморен поборник на стабилноста и помирувањето


Балканот загуби неуморен поборник на стабилноста и помирувањето, а Западот исклучително важен пријател во тој регион. Ова накусо се оценките на светскиот печат по повод смртта на претседателот Борис Трајковски. Во написите главно се потсетува на неговата улога за времето на конфликтот во Македонија.

Смртта на македонскиот претседател Борис Трајковски ги шокира и ги растажи неговите сограѓани. Но, неговото заминување не донесе паника во земјата и пошироко, и веројатно нема да да биде посматрано како пресвртна точка во историјата на таа држава. Токму во тоа е и големиот придонес на претседателот Трајковски, пишува американскиот Вол Стрит Џурнал, додавајќи дека на Балканот му требаат повеќе политичари како него. Весникот Гардијан, цитирајќи ја изјавата на европскиот министер Денис Мекшеин дека Трајковски беше еден од подобрите политичари во регионот потсетува дека Европската Унија, НАТО и балканските лидери ја ценеа неговата детерминираност; проблемите да се решаваат преку преговори, а не преку конфликти. Виенски Стандард, оценувајќи дека смртта на македонскиот претседател му зададе удар на самодовербата на Скопје што требаше да дојде со поднесувањето на апликацијата за влез во Европската Унија пишува цитираме: Но, токму во кризата која ќе следи по смртта на претседателот Трајковски е потребен поттик од Брисел. Перспективата за прием во Унијата има дејство врз единството и мирот во Македонија, оценува виенски Стандард. Американската агенција за стратегиски предвидувања Стратфор пишува дека со смртта на претседателот Трајковски две прашања останаа неодговорени: кој ќе го пополни раководството додека Македонија се движи низ болните домашни реформи потребни за да се кавалификува за членство во Унијата и како тоа раководство ќе се однесува спрема етничкиот немир отелотворен во косовското прашање. Трајковски, наведува Стратфор, предупреди дека поделбата на Косово, на албански и на српски дел, ќе го засили сецесионизмот меѓу етничките албанци во Македонија и меѓу етничките срби во Босна. Тој беше во право, оценува оваа агенција, додавајќи дека, меѓу потенцијалните етнички немири и членството во Европската Унија, загриженоста околу македонската политичка иднина би можела да се зголеми како резултат од ненадејната лидерска загуба. До новите избори таа функција му се падна на претседателот на собранието Љупчо Јордановски. Но, се уште не јасно кој во Македонија ќе ја преземе улогата на некој што ќе ја води до Европската Унија. Малата земја имаше среќа да го има Трајковски. Малку балкански држави добиваат среќа двапати, заклучува Стратфор.
XS
SM
MD
LG