Достапни линкови

Почеток на процесот на реформи во сите области


Поднесувањето на апликацијата за членство во ЕУ е почеток на еден процес на реформи во сите области во земјава, оцени државниот врв во очи поднесувањето на македонската апликација на раководството на Ирска, земја која е претседавач на Унијата:

„Со ова не завршуваме, туку само почнува еден процес во чии рамки треба да следат многу значајни реформи, би рекол реформи по сите основи на општественото и економско живеење. И со тоа да на крајот тоа да резултира со полноправно членство во ЕУ. На тој пат ќе се соочиме со многу предизвици и проблеми, но треба да знаеме, дека не некој од надвор, туку ние самите треба да бидеме гаранти за Република Македонија што поскоро да пристапи кон полноправно членство во ЕУ.“

„Самото поднесување на апликацијата не е крај, туку почеток на еден долг и тежок процес, пред нас се бројни и одговорни задачи и ние сме наполно свесни за тоа.“


истакнаа претседателот Борис Трајковски и премиерот Бранко Црвенковски.

Шефот на државата истакна дека од осамостојувањето на Македонија, до денеска, поднесувањето на апликацијата е единствен стратешки проект кој има поддршка од сите политички фактори во земјава:

„Има согласност и разбирање од политичките елити кои ја водат државата дека станува збор за наднационален и надпартиски проект значаен за сите граѓани на Република Македонија. И друго што е многу важно, сметам дека е задачата со која сме ние соочени, не може да ја направи само оваа влада, или само една влада, или само еден претседател, туку бидејќи станува збор за наше институционално интегрирање во рамките на ЕУ, неопходно и потребно е сите да се вклучат во овој процес којшто ќе трае подолг период.“

Меѓународните претставници во Македонија потенцираат дека не станува збор за тоа дали ќе стане земјава членка на Унијата, туку кога. Тие оценуваат дека има напредок во реформите, но оти има уште многу да се направи:

„Чашата на реформи се пополнува, но не е сеуште целосно полна. Ние ги охрабруваме реформите и ги признаваме напорите на сите институции во земјава. Македонија треба да ги забрза реформите и да не го заборава охридскиот договор,“

изјави Донато Кијарини, постојан претставник на Европската комисија во земјава.
XS
SM
MD
LG