Достапни линкови

Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Власта мора енергично и неселективно да реагира против криминалците


Посочивте постоење на паравоени структури во тетовско. Од каде ви се тие информации затоа што МВР, пак ги негираше ваквите ваши видувања?

Она што јас го изјавив во Тетово, поврзано со малтретирањата на македонското, но и на албанското население од командантот Баци, од владеењето на правото од страна на неколку поранешни команданти на УЧК, и ред други работи, се резултат на она што го доживуваат и чувствуваат граѓаните на Тетово, со кои тој ден имав средба. Нормално, тие се плашат да го кажат тоа и моето кажување јавно беше обид да се повикаат властите повеќе да го фокусираат своето внимание во Тетово, иако и во другите места ситуацијата не е идеална. Очигледно, дека во Тетово е најпроблематично, и не само за Македонците, туку командантот Баци е проблематичен и за албанското население и нив ги малтретира, можеби повеќе македонското, но и голем дел од албанското население не е среќно со таков живот. Задоволен сум, што на некој начин, успеав барем малку да помдрнам некои работи во тој правец, затоа што истиот ден МВР и покрај жестоките критики кон мене, сепак излезе со информација дека во рок од 48 часа ќе му врачат решение за заминување во затвор. Што значи, има основа и тоа како во тоа што го зборував и што има некаков резултат, иако тоа не е сеуште реализирано, но барем некој во МВР се сети дека треба да направи некаков чекор. Мојата изјава не беше насочена ниту против албанскиот народ, ниту против било кој друг народ, туку едноставно кон оние што го малтретираат населението и што сакаат можеби или можат во даден момнент да направ дестабилизација. Можеби никогаш нема да ја направат, но ако такви структури постојат, радикални, екстремистички коишто се занимаваат со криминал треба навреме да им се застане на патот.

Дали тоа значи дека овие информации произлегуваат токму од вашите видувања на теренот?

Да, апсолутно. Од она што го согледав, поминав повеќе градови каде што има мулти етничко живеење и никаде не дадов таква изјава каква што дадов во Тетово, затоа што таму ситуацијата е најсложена и властите мора да преземат мерки. Молчењето е добро, ако на краток рок го решите проблемот, па ајде да не се крева некоја галама, ама ако не го решавате проблемот на долг рок, молчењето само ја влошува состојбата.

Според вас, доколку ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, какви мерки би преземале да се надмине ова?

Јас се согласувам дека одреден период, откако сте имале војна, каква што имавме во 2001, властите треба да бидат попретпазливи и повнимателни во своите акции, за да не предизвикаат тензии и повторно разгорување на срастите, етнички, националистички итн. Меѓутоа, тој период одамна е поминат и кај нас одамна е дојдено време во коешто мора властите да преземат посериозни мерки да расчистат со овие есктремистички групации кои се некој вид остатоци од војната. Власта мора да реагира. Кога ВМРО би била на власт би имало жестока реакција во овој правец.

Што подразбирате под тоа, покатегорично десјтвување на полицијата во сите области?

Ако за некого има судска пресуда да оди во затвор, зошто чекаат во спроведување на таа пресуда. Што чекаат? Што е проблемот? Дали чекаат дозвола од коалициониот партнер? Тоа не е правна држава. Правна држава е дека ако има нешто такво треба веднаш да се спроведе. Тие што се криминални, екстремистички структури треба неселективно да бидат на местото каде што се. Ако се залагаме за правна држава, треба да имаме контрола на целата територија, спроведување на законот во секое место во државата и неселективна борба против криминалот и корупцијата.

Во јавноста беше пласирана идејата за формирање експерска влада. Вашето мислење и сметате ли дека можеби е време за предвремени избори?

Време е за предвремени избори, меѓутоа од СДСМ сеуште нема такви сигнали. И веројатно тие ќе одат до крај во влошување на сегашната лоша економска ситуација, така што она што беше кажано за експертска влада во моментов не ми се гледа реалистично. Експертска влада би била експертска само за да подготви новиизбори, инаку нема никаква логика во денешно време дека на долг рок да имаме експертска влада.

Во контекст на територијалната поделба има низа несогласувања. Има ли ВМРО-ДПМНЕ предлог којшто би бил прифатлив и за албанскиот блок партии?

Па, јас колку што можам да видам албанскиот блок партии меѓу себе не можат да најдат заеднички јазик, а камо ли да најдат со нас. Тие ако меѓу себе не можат, тогаш автоматски ние не можеме со нивниот блок, зашто тие немаат блок, имаат поединечни партии. Ние сме опозиција. ВМРО-ДПМНЕ во моментов не е во коалиција со ниту една партија од албанскиот блок. Сигурно дека во иднина, кога ќе формираме влада, кога ќе победиме на изборите, ќе коалицираме со некоја албанска партија, но во овој момент ние немаме коалиција и немам обврска да договараме со никој од албанските партии било што. Единствено би можеле да се договориме да правиме национален консензус, ако за тоа постојат услови и ако за тоа е реално подготвен СДСМ. А, СДСМ не е подготвен затоа што на сите меѓусебни средби тие доаѓаа со готова агенда, договорена со ДУИ. И тогаш беше многу тешко да се најде заеднички јазик. Затоа што тие веќе направиле договор со една партија и потоа сакаат тој договор да им биде во целост прифатен од ВМРО-ДПМНЕ и тоа е веќе несериозно.

Ваша оценка за економската состојба во земјава?

Последниве месеци нема некои промени. Нема некои реформи коишто би покажале дека земјата ќе почне да се движи во вистинска насока, дека ќе се намалува бројот на невработени или дека ќе дојдат странски инвеститори. Владата, во главно, декларативно ги изразува убавите работи, а на теренот прави постојано грешки. Бизнис климата во земјата е и понатаму многу лоша во земјата. Дополнително, во последните месеци се појавија проблеми и со ДДВ-то. Не гледам можност за некој сериозен прогрес.

Ваши конкретни предлози за надминување на оваа состојба?

Постојат многу можности што треба да се направат. Значи, прво и основно е да се промени бизнис климата. Да се престане со политичките и селективни хајки што се прават на разни компании, вклучително и странски инвеститори. Откако тоа ќе се направи, веќе ќе може да се работи на привлекување странски капитал, којшто ќе отвора нови работни места, ќе се охрабри, домашниот инвеститор да инвестира повеќе, не само од економска гледна точка, туку и од безбедносна гледна точка, Затоа што кај нас секој месец се менуваат законите, често се менуваат министри, па тие си ги менуваат законите по свој вкус. И третиот момент е, покрај креирањето на фискалната и монетарната политика, четврт момент е повеќе проекти за помош на конурентноста на македонските компании.

Каква е внатре партиската состојва, по обелоденувањето на политичкото крило на Димовска и Ѓорчев?

Нема ништо посебно што тука да се каже. Внатре партиската состојба е добра. Нормално, во голема партија секогаш има некој што е незадоволен и тоа е нормално. Јас сум постојано на терен. Моја оценка е дека партијата зајакнува. И тоа се гледа во секој поглед, и во поглед на зацврстувањето на пратеничката група во парламентот и во поглед на нашите контакти со меѓународната заедница, и во поглед на нашите контакти со месните комитети, општинските комитети, нивното зацврстување, хомогенизација и мислам дека иако има уште многу да се направи, ние сме на добар пат. Сигнал за тоа е што имаме за шест – седум месеци осум илјади нови членови.

Споменавте дека е норламно да постојат различки мислења, а имаме ситуација во која Димовска и Ѓорчев се исклучени, а се најавува и исклучување на други нивни истомисленици. Ќе продолжи ли овој тренд?

Значи, едно е да се има различно мислење, а сосема друго да се направи атак на партијата и голема штета на партијата. Да се пракршат сите акти, и да се најави продолжување кршење на такви акти, додека некому не му се направи меракот да се најде на некоја позиција во партијата. Различните реакции во тој правец беа со цел некој да даде на одредена функција во партијата, не внимавајќи дека со тоа прави огромна штета, со што го урива угледод на партијата. Инаку, ова за новите случувања е производ на неколку луѓе блиски до Димовска коишто сакаат да направат малку поголема галама, за да може уште некое време да бидат интересни на македонската политичка сцена. Луѓето, сами си прогласија ситуација дека ќе бидат исклучени, па моравме да кажеме дека немало такви состаноци за исклучување.

Дали тоа значи дека нема да има исклучувања?

Генерално, ние не сме разговарале за исклучување освен тие две исклучувања. Во иднина не можам да предвидам што ќе се случува. Јас не би сакал да има исклучувања, не сум присталица на таков тип на работа, освен во крајна нужда, кога буквално се чувствувам и јас и поширокото раководство, доведени до ѕид, што беше случај со двајцата луѓе што ги исклучивме од партијата. Во сите други ситуации ние се обидовме да најдеме компромис.

Тие на прес конференциите споменуваа дека не се борат за функции, дека станува збор за помош на партијата?

Добро, едно е тоа што зборуваат, друго е реалноста.

Во јавноста се говори дека веќе се изведни претседателските кандидати?

Тоа останува да се реши кога ќе дојде време.

Дали можеби вие лично имате некој фаворит?

Па, јас би сакал да победи најдобриот, кој ќе биде тој ќе видиме кога ќе се кандидираат луѓето.
XS
SM
MD
LG