Достапни линкови

Различни толкувања за тоа дали има разидувања меѓу Законот за град Скопје и Уставот


Мора да се прецизира употребата на јазиците на припадниците на заедниците, односно да се најде компромисно решение, за употребата посебно на албанскиот јазик во градската управа, сметаат во ЗЕЛС. Ова како што велат од ЗЕЛС следи по судирот меѓу уставот и предлог законот за град Скопје со кој се предвидува употреба на јазикот на припадници на заедниците што го говорат најмалку 20 проценти од граѓаните, во барем две градски општини, и на ниво на органите на градот, а не само во општините. Оттука, тие додаваат дека доколку се дозволи ова се крши уставот, бидејќи со тоа се воведува албанскиот и во градот Скопје, а на ниво на градот, како што информираат од Министерството за локална самоуправа нема да има 20 насто Албанци ни во случај кон градот да биде припоено и Арачиново, што пак е услов за употреба на јазиците. На тоа дека е недефинирана употребата на јазиците, посочува првиот човек на комисијата за изработка на Законот за градот Скопје при ЗЕЛС Љупчо Димов:

„Мислам дека тоа е сеуште едно прашање кое е недодефинирано, во однос на обраќањето на припадниците кон градот. Но, воопшто не постои дилема дали тоа би било официјало обраќање или водење на седниците во самиот град Скопје.“

Експертите сметаат оти за употреба на јазикот на припадници на заедниците треба да се изјасни советот на град Скопје. Бидејќи на ниво на градот нема 20 насто Албанци. Во оваа насока, Тања Каракамишева, доцент на правниот факултет по уставен и политички систем вели:

„Не само што е потребно допрецизирање, туку и услогласување на законската со уставната одредба, односно на амандманот број пет.“

Од министерството за локална самоуправа пак, сметаат дека нема проблеми бидејќи станува збор само за комуникација со органите на градот, а не и за официјална употреба:

„Врз основа на поделената надлежност на градот Скопје, меѓу градот како една целина и општините. Граѓаните на општините коишто во општината имаат право на употреба на својот јазик како службен јазик, во комуникацијата со градот да може да го користат и својот мајчин јазик. Сметаме дека тоа е во духот и согласно одредбите во делот на амандманот пет и законот за локална самоуправа.“

изјави министерот Александар Гештаковски.
XS
SM
MD
LG