Достапни линкови

За три години затаени 97,5 милиони евра за ДДВ


Шест милијарди денари е сумата која компаниите во Македонија успеале во изминатите три години од воведувањето на ДДВ да не ја уплатат во државната каса. Или за овој период, правните субјекти во државата само на име ДДВ затаиле цели 97,5 милиони евра. Според информациите од УЈП, најголемиот дел од изигрувањата се реализираат преку шемата: се формира фирма со еднократна употреба и единствена цел, со нејзиното ликвидирање да изгорат и обврските на таа фирма. И професорот од економскиот факултет Живко Атанасовски со констатација, Македонија е единствената земја во светот каде се формира фирма и се ликвидира со намера да се изигра доверителот и државата:

„Ние сме една од ретките земји во кои е можно една фирма да создаде големи обврски кон други деловни партнери, да се пререгистрира, на пример во тоа што ќе додаде во името на фирмата само Комерц, со тоа е друга фирма, а долгот да гласи на првата фирма. Тоа се смешни работи.“

Како посебен проблем со кој бизнисмените го одбегнуваат плаќањето давачки кон државата, Атанасовски го лоцира во постоењето голем број дупки во законите при регистрирањето на фирмите и препорачува што е можно нивно поскоро пополнување:

„Да се крене прагот на регистрацијата на повисоко ниво. Тогаш ќе се елиминираат поголем број мали фирми, кои навистина сега прават такви марифетлуци, со кои доаѓаат до средства што и припаѓаат на државата.“

Атанасовски тврди, проблемот не е во законот за ДДВ, проблемот е што некој не знае или не сака да го чита овој закон како што треба. Односно, проблемот е во недоволната ангажираност на УЈП:

„Законот е многу добар, како закон. Заокружен и дефинитивно и конечно ги решава сите прашања поврзани со функционирањето на ДДВ.“

По комплетното завршување на инспекцијата во компанијата „Орка“ од УЈП најавуваат започнување нови акции со идентичен број инспектори. И тоа по системот, која фирма ќе биде посочена од компјутерот, чиј софтвер врз однапред утврдени критериуми ќе ја лоцира компанијата која треба прва да се посети.

Министерот за финансии Никола Поповски вчера изјави, акцијата дава резултати. Приходите по основ на ДДВ веќе се наплатуваат според предвидената динамика.
XS
SM
MD
LG