Достапни линкови

Ирачките сили стануваат цел на анти сојузничкиот отпор


Најновите напади со автомобили бомби во Ирак по се изгледа го потврдуваат трендот дека ирачките сили, а не американските војници стануваат цели на анти сојузничкиот отпор во таа земја. Иако се уште не е јасно кој ги оркестрира, овие напади предизвикуваат да расте стравот кај ирачкото насление.

Ирачките привремени власти, поставени од американците, се под големи притисок да ги идентификуваат напаѓачите и да ги зголемат безбедносните мерки во земјата. За нападите во Ирак најчесто се обвинуваат приврзаниците на соборениот лидер Садам Хусеин, пред се таканречените Фаедини, потпомогнати од меѓународните терористички организации. Соединетите Држави пред неколку дена обелоденија дека нашле докази оти зад некои големи напади во Ирак стоела терористичката Ал Каида. Сепак, американскиот полковник Ралф Бејкер по вчерашната експлозија на автомобил бомба во Багдад изјави:

„Во овој момент, ние не можеме да утврдиме кој е одговорен за денешниот напад. Шпекулираме, бидејќи овој напад има траги на оперативната техника на Ал Каида или на Ансар ал Ислам.“

Овие бомбардирања ги отежнуваат американските напори за побрз трансфер на суверенитетот врз ирачките власти. Формирањето ирачка армија и полиција е еден од најважните делови на овој процес. Некои други пак, сметаат дека најновите напади се со цел да го убедат тимот на Обединетите Нации дека во Ирак не е доволно безбедно за да се одржат избори до триесетти јуни годинава како што бараа верските лидери на шиитите во таа земја. Дописникот на Радио Слободна Европа од Багдад Сами Алкоја разговараше со неколкумина сведоци на вчерашниот напад.

„Тие рекоа дека чувствуваат оти станува збор за американски напад или за американски план. Обвинувањата до американците одат вака: Каде се тие? Тие обично се на влезовите, но денеска ги немаше, што е невообичаено. Тие велат дека за време на експлозијата кај надворешните врати немало американски војници.“

Филип Мичел, воен експерт во Меѓународниот институт за стратегиски студии со седиште во Лондон, смета дека нападите имаат една важна цел, да посеат страв меѓу обичните ирачани. Според него, тоа ќе ги отежне американските напори за создавање разузнавачка мрежа кој би помогнала во искоренувањето на бунтовниците.

„Мислам дека ирачаните ќе бидат многу претпазливи околу соработката со американците или со некои други од сојузничките сили. Тоа ќе значи потпишување на смртна потерница за нив, но и за нивните семејства.“

Вели Филип Мичел.
XS
SM
MD
LG