Достапни линкови

Сеуште нема закон за надворешни работи


По повеќе од десет години самостојност на Македонија, не постои закон кој прецизно би ги регулирал обврските на надлежните институции во делот на надворешната политика. По повеќе неуспешни обиди од пратеници, но и од министерството за надворешни работи, сега повторно има две паралелни инцијативи. Една на пратеникот Стојан Андов и една од ресорното министерство.

Андов вели дека е неопходно со правен акт да се прецизираат обврските и должностите на министерството за надворешни работи, потоа односите и обврските како на министерот, така и на претседателот на државата:

„Не се уредени потребите во областа на надворешната политика, да има некоја координација, не постои парламентарен секретар, државен секретар, одреден само за соработка со парламентот. Парламентот сосема стихијно и неквалификувано и неподготвено, без соработка со МНР и владата разгледува надворешно-политички прашања.“

посочува Андов и објаснува некои решенија од законот:

„Таму се јасно одредени надлежностите на претседателот. Потоа утврдена е постапката на соработка, како соработуваат да речеме по прашањето на именување на амбасадори, дека министерството мора да ја покрене иницијативата во согласност и во договор со претходна консултација со претседателот, потоа треба кандидатите да минат тест, испит внатре во министерството, но исто така и во надлежното работно тело во парламентот, како што е секаде, а потоа дури доаѓа проблемот на времето на потпишување на указот од страна на претседателот.“

Непостоењето на еден ваков акт според него е и причина за честите недоразбирања мегу владата и претседателот

„Фактички сега се сведува само на личности симпатични или несимпатични на овој или на оној кои треба да бидат амбасадори, а не утврдена јасна процедура.“

Меѓудругото овој предлог предвидува мандатот на амбасадорите да биде четири години со можност тој да биде продолжен уште една година. За разлика од овој закон, верзијата на министерството на пример предвидува ова прашање да се решава со подзаконски акти. Оттаму, пак засега само ја потврдуваат потребата од ваков закон:

„Законот за надворешни работи со оглед на тоа дека се очекуваше да биде донесен 12-13 години, министерството за надворешни работи, лани постепено се определи да работи на добивање текст на закон за надворешни работи, којшто неделава влегува во владина процедура,“

изјави Душко Узуновски, порпарол на МНР.
XS
SM
MD
LG