Достапни линкови

Со црните листи САД и ЕУ ја преземаат одговорноста за потписите врз Охридскиот договор


Објавувањето на европската црна листа и проширувањето на веќе постоечката американска листа на непожелни лица од Македонија против кои се преземени рестриктивни мерки, кои подразбираат забранет престој и транзит низ овие земји покажува дека и Унијата и САД на јасен начин застануваат зад Охрискиот Договор, вели Ѓунер Исмаил член на националниот совет за безбедност:

„Ова е индикација дека и ЕУ и САД, на јасен начин си ја преземаат одговорноста за нивните потписи на Охридскиот договор, што е многу битно, бидејќи на крајот на краиштата нашата јавност до сега имаше впечаток дека се или пристрасни во реализацијата на договорот или пак се прилично пасивни. Во случајов на јасен начин и ЕУ и САД дадоа до знаење дека се исклучително многу заинтересирани за мирот не само во Република Македонија туку и во регионот.“

Според Исмаил лицата кои се најдоа на црните листа ќе мора да размислат за нивното понатамошно делување:

„Дел од тие лица не се такви хазардери, за да може да си допуштат луксузи веќе на објавено име да делуваат и понатаму како што делувале. Според тоа, мислам дека именуваните на листите, ќе треба многу добро да размислат за нивното понатамошно дејствување, независно од тоа дали тие мислат дека се повредени некои нивни права или не се.“

Маргинални лица не можат да ја попречат имплементацијата на Охридскиот Договор вели портпаролот на ДПА Демуш Бајрами.

„Ова не може да го прават маргинални лица, ова треба да го прави власта. Затоа во овие листи секако црни треба да се најдат носителите на власта. Нивна е одговорноста за неспроведувањето или спроведувањето на Охридскиот договор.“

На ова Ѓунер Исмаил со одговор:

„ЕУ е сериозна организација, САД се сериозна држава, навистина не сум сигурен дека припаѓаат на луѓето коишто од луксузи ќе прават листи на прохибирани персони. Според тоа, што точно прават овие луѓе, можеби нас ни недостига како информација, но да се надеваме дека оваа иднина пред нас ќе покаже на одреден начин, кој што и како од тие луѓе го заслужил своето место на тие листи.“
XS
SM
MD
LG