Достапни линкови

УНМИК има три месеци да реши дали ќе го екстрадира „Џејми - Шеј“


Со потпишувањето на барањето за екстрадиција од Косово во Македонија на Џемаил Хисени, познат како Џејми Шеј на 26 јануари, властите на УНМИК имаат рок од три месеци за да ја завршат процедурата за екстрадиција, со што рокот за екстрадицискиот притвор што истекува денеска повеќе не важи, информираат од македонското министерство за правда:

„Тој притвор беше во случај министерството за правда да не го испочитува рокот од 40 дена којшто завршуваше точно денеска. Во влучај ние во тој рок да не поднесевме барање за екстрадиција утре ќе го пуштеа Џемаил Хисени од притвор. Тој рок 10-ти февруари веќе не важи. Значи, ние сме го испочитувале рокот, сме го пратиле барањето, што значи од нашата работа, правна процедура е завршена,“

изјави портпаролот на министерството за правда Мирјана Илиева, која додаде:

„При приемот на тоа барање за екстрадиција течат некои други рокови. Тие рокови се некаде околу три месеци.“

И од УНМИК протврдуваат дека е продолжен притворот за Џемаил Хисени:

„Продолжено е траењето на притворот и го добивме барањето на македонските власти, сега овој случај е во рацете на меѓународниот обвинител. Судскиот совет, ќе одржи средба за да одлучи за екстрадицијата на Хисени, затоа што постапката овде е таква,“

изјави портпаролот на УНМИК Изабела Карловиц. Од МВР пак информираат дека целата процедура за екстрадиција на Џемаил Хисени е во надлежност на министерството за правда и УНМИК, а откако таа ќе заврши, МВР, односно македонскиот Интерпол е надлежен само да го прифати одреденото лице. Инаку, МВР по Хисеини распиша потерница затоа што во 1993 година избегал од затвор каде требало да издржува десет годишна казна поради убиство. На потерницата се додадени и седум години од новата пресуда за тероризам, поради подметнување бомби на плоштадот во Куманово и на пругата кај Ваксинце. За бомбите на кумановскиот плоштад и пругата кај Ваксинце затворска казна доби и Абдул Јакупи Чакала кој исто така сам се предаде на американските војници на Косово на 30-ти јануари. Македонското министерство за правда ги комплетира документите пред да испрати ново барање за екстрадиција и на Чакала, бидејќи досегашната потерница била само за грабнување полицаец и серија разбојништва, за што беше обвинет Чакала.
XS
SM
MD
LG