Достапни линкови

logo-print

Уапсен Мухсин Ал Хафаџи еден од бившите лидери на Баас партијата


Американските сили во Ирак заробија уште еден од 55-те најбарани ирачани од режимот на соборениот претседател Садам Хусеин. Сојузничките сили откриле и документи според кои приврзаници на терористичката мрежа Ал Каида планирале предизвикување верски судири и граѓанска војна во Ирак.

Претставник на американските сили соопшти дека е притворен еден од бившите лидери на Баас партијата Мухсин Ал Хафаџи, кој беше 48-ми на листата најбарани ирачани. Мухсин беше и командант на Баас милицијата во регионот Кадисија, северо-западно од Багдад. Претходно, американскиот генерал Марк Кимит објави дека американските сили во Багдад пронашле документ од 17 страници, за кој се претпоставува дека го изготвил Абу Мусаб Заркави, соработник на Осама Бин Ладен, за поттикнување верски судири во Ирак и предизвикување граѓанска војна.

„Ние сме убедени дека Заркави е авторот на документот. Тој е доставен од надвор и требало да се дистрибуира во Ирак со цел да биде предизвикан хаос.“

Кимит додаде дека според планот, требало да бидат напаѓани шиитските лидери и на тој начин да се предизвика судир со сунитите, по што би избувнала граѓанска војна во Ирак. Американскиот државен секретар Колин Пауел изјави дека овој документ на Ал Каида е уште еден доказ за активностите на таа терористичка мрежа во Ирак.

„Јасно е дека некои сознанија за кои зборувавме во Обединетите Нации минатата година, дека Абу Мусаб Заркави е активен во Ирак, а за тоа знаат ирачките власти, се потврдуваат.“

Пауел оцени дека откриените документи се доказ за слабоста на ирачкиот отпор да ги спречи напорите на сојузничката коалиција за стабилизирање на земјата, но оти истовремено покажуваат оти терористите немаат намера да се откажат и настојуваат да инфилтрираат повеќе милитанти во Ирак.
XS
SM
MD
LG