Достапни линкови

Нема компромис, штрајкот продолжува


Владата не попушта пред барањата на синдикатот за обрзование, наука и култура. Ќе преговараме, но откако ќе прекине штрајкот кој трае веќе 15 дена. Ова го изјави министерот за образование Азис Положани.

„Јас сум спремен секогаш на дијалог, којшто ќе почне со прекинат штрајк. Ние не можеме да прифатиме решенија коишто влегуваат во финансиската рамка на државата и тоа им беше познато на синдикатот.“

Повикот од владата за прекин на штрајкот е неприфатлив за СОНК. Дојчин Цветановски изјави дека владата продолжува со постуавување ултиматуми:

„Повторно е ова ултиматум од владата. Кажав дека е повторно кршење на уставот на сите закони во државата што го регулираат ова прашање, на меѓународни конвенции и одговорноста ќе ја сноси владата. Штрајкот продолжува и понатаму.“

Тој најави дека од утре веќе ќе следуваат и кривични пријави за тие кои ќе вршат притисок врз синдикатот и ќе го кршат законот за штрајк:

„Утре ќе почнеме со поднесување на кривични пријави, на сите што ќе вршат притисоци и ќе го кршат законот за штрајк во Република Македонија и меѓународните конвенции. И утре ќе ги известиме сите меѓународни институции надлежни за ова прашање. Секој што ќе имаме докази, преку изјави, преку друга писмена документиација, дека го прекршил уставот и законот за штрајк ќе добие кривична пријава без разлика на кое место е, а редоследот сигурно нема да биде битен.“

По владината седница министерот Положани изјави дека барањето за прекин на штрајкот упатен до СОНК е со цел да се спречат двонеделните штети предизвикани од генералниот штрајк. Доколку СОНК го прекине штрајкот преговорите ќе почнат веднаш, најави Положани:

„Ние се надеваме дека и поради фактот што родителите јасно ги покажуваат своите негодувања и поради фактот што состојбата навистина не е поволна по однос на правата на децата, по однос на потребата со устав загарантирана за настава, дека сепак ќе надвладее свеста и таа учителска свест и кај синдикатот да сепак ќе треба да се прекине штрајкот. Секое друго однесување мислам дека е крајно штетно и неодговорно.“
XS
SM
MD
LG