Достапни линкови

Годинава во знакот на претседателските избори


Политичката сцена во нашава земја деновиве ја одбележуваат и нови поделби и фракции во рамките на старите партии. Според експертите, она што во основа ги објаснува сите придвижувања во македонскиот политички амбиент во овој период имаат еден заеднички именител:

„Клучниот момент се идните претседателски избори. Се разбира, постојат и други актуелни работи и стратешки ориентири. Но, ова е несомнено нешто што постапно ја прибира енергијата и вниманието на сите политички актери токму во едно средишно место на интересирање. И верувам, место во кое треба да се разрешат многу до сега неразрешени заемни односи и да се преформулираат некои од идните стратегии,“

вели професорот на филозофскиот факултет во Скопје Ферид Мухиќ, кој во оценка на ситуацијата пред претстојните претседателски избори упатува на примери од историјата:

„Алкибијат пред да биде биран, заедно со неколку други кандидати во атинското собрание му го исекол опашот на еден свој огромен, многу познат и убав пес. Кога го прашале зошто направил таква грешка и дека сите ќе зборуваат за тоа, тој рекол, токму затоа, нека зборуваат за песот, нека не зборуваат за другите мои пропусти. Така што навистина кај другите немало таква ситуација и ги нашле поголемите гревови кај другите, а гласачите заклучиле дека тоа што му го исекол опашот на својот пес и не е некој грев, и го избрале навистина.“

Оваа итроштина на политичарите денес по искуствата со неколкуте циклуси на претседателски и парламентарни избори, според професорот Мухиќ повеќе не може да помине.

„Опашките на сите кучиња се веќе одамна исечени. Веќе одамна никој не може да види пес со опашка. Така што сега и најкрупните и најситните забелешки се откриени на адресата на оние другите.“

Тој вели оти токму тоа што главната преокупација на политичарите во Македонија претставуваат претстојните претсдеателски избори е она што претставува слабост. Во објаснување пак на начинот врз кој се базира градењето стратегија за кандидат за претседател, тој вели, постојат главно две точки врз кои партиите се концентрираат, едната е фокусирана врз коалицирањето на големите партии за заеднички кандидат:

„А, втората е придобивање на најважнните актери на меѓународната јавност, односно умилкување и изнесување аргументи во прилог на готовност да ги следат директивите на овие актери. И тоа се гледа во изјавите, експлицитни, дека меѓународната политичка јавност, веќе однапред посредувала за својот кандидат и дека ќе го промовираат својот кандидат, што е нарушување на демократските процедури и мешање во суверените работи на една држава.“
XS
SM
MD
LG