Достапни линкови

Најмалку 30 загинати


Околу триесет луѓе загинале во денешната експлозија во московското метро. Руската служба за безбедност проценува дека најверојатно станува збор за самоубиствен терористички напад.

Експлозијата, според московските надлежни органи, се случила во вториот вагон веднаш откако возот ја напуштил станицата Павелецкаја кон станицата Автозаводскаја во близина на центарот на рускиот главен град.

Се оценува дека силата на експлозијата до која дојде во осум часот и триесетина минути по локално време, односно во самиот утрински шпиц, била еквивалентна на еден килограм тротил. Спасувачките екипи успеале да извлечат повеќе од седумстотини луѓе, од кои над сто повредени.

„Имаше експлозија во вториот вагон. Долго време ние не можевме да ги отвориме вратите. Конечно возачот ги отвори и ние одевме околу два километра. Имаше паника и многу викотници.“

„Само видов дека имаше многу чад. Луѓето почнаа да излегуваат, па и јас го сторив истото.“

изјавија евакуираните од метрото по експлозијата што, според полицијата, најверојатно била предизвикана од жена самоубиец која го носела експлозивот во нејзиниот ранец. Постојат и наводи дека експлозивот бил во куфер оставен во вагонот.

„Како заштита од натамошни терористички напади на другите метро станици, донесена е одлука да се зголеми полициското присуство околу станиците, но и во возовите.“

Соопшти Заменик министерот за внатрешни работи на Русија Александар Чекалин. Рускиот претседател Владимир Путин, како што јавуваат медиумите, веднаш бил информиран за трагедијата во метрото по што изјавил дека тероризмот претставува чума на дваесет и првиот век. Москва веќе подолго време е во состојба на тревога поради опасноста од терористички напади. Мерките се воведени по серијата бомбашки напади за кои руските власти ги обвинуваат чеченските бунтовници. Последните два се случија во минатата година. Во декември на Црвениот плоштад во нападот што го изведе една жена самоубиец загинаа уште пет лица. Претходно во јули на еден рок концерт двајца самоубици предизвикаа смрт на четиринаесет луѓе.
XS
SM
MD
LG