Достапни линкови

Владата и ММФ го започнуваат прегледот на оствареното според „стенд-бај“ аранжманот


Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд денеска во министерството за финансии започнува со „чешлање“ на досегашното остварување на „стенд-бај“ аранжманот, односно колку од превземените обврски се реализирани. Од македонскиот тим со уверување:

„Во добар дел ги одработивме скоро сите проблеми, така што сметам дека ќе имаме успешно реализиран аранжман во текот на овие 15 месеци,“

вели Димко Кокаровски заменик министер за финансии. Во фокусот на интерес кај мисијата на ММФ ќе биде остварувањето на најсложените задачи од овој аранжман, пред се спроведувањето на реформите во администрацијата за кој и од министерството за финансии признаваат дека не во целост се спроведени.

„Особено би го ставиле фокусот на регулирањето на статусот и целосно заокружување на проблематиката околу фондот за здравство, тендерите коишто треба да се распишуваат, намалувањата на бројот на вработувања коишто треба да се реализираат според договорот, унапредувањето на процесот на рационализација на јавниот сектор.“

Усогласувањето со работата на државните записи како нов финансиски инструмент чија цел е финансирање на државната каса е прашање кое несмее да биде заобиколено на овие средби, потенцира Кокаровски:

„Посебно проблем ќе биде усогласувањето на работата на новиот инструмент, на финансискиот пазар, тоа се државните трезорски записи, создавање на претпоставки за емисија на нови долгорочни државни хартии од вредност.“

Со оглед на фактот што „стенд-бај“ аранжманот истекува на крајот од јуни оваа година , како посебна то6ка во разговорите ќе биде и покренувањето на прашањето, како понатаму односно со кој и каков аранжман Македонија да продолжи во иднина:

„За аранжман може да почне да се разговара на оваа средба, а потоа на лето или есен, да дефинираме точно кој тип и на колку години би се склучил аранжманот со ММФ. Аранжмани коишто предвидуваат подлабоки структурни реформи во економијата на Република Македонија е една од опциите, меѓутоа треба да се седне и да се разговара со мисијата.“

„Стенд - бај“ аранжманот тежи 28 милиони долари, досега се повлечени две транши , а како неискористени остануваат уште десет милиони долари. Мисијата на ММФ е предвидено во Македонија да престојува една недела доаѓањето на нејзиниот прв човек Франек Розвадовски е најавено за во понеделник.
XS
SM
MD
LG