Достапни линкови

За прв пат еден претседател бара толку пари во изборна година


Две илјади и четиристотини милијарди долари. Толку изнесува буџетот за идната година што американскиот претседател Џорџ Буш му го предлага на Конгресот. Во него е вклучен порастот на трошоците за одбраната од седум насто, но не и предвидените дополнителни издвојувања од пеесет милијарди долари за воените операции во Ирак и во Авганистан. Аналитичарите сметаат дека новиот буџет претставува отстапување од буџетски предлози вообичаени за една изборна година.

Претседателот Џорџ Буш, во предлог буџетот за фискалната две илјади и петта година, планира трошоците за одбраната да бидат поголеми од четиристотини милијарди долари од лани. Белата Куќа исто така бара зголемување на трошоците за таканаречената домашна безбеденост од скоро десет насто со што тие би изнесувале над триесет милијарди долари. Весникот Њујорк Тајмс забележува дека со буџетот предложен од Буш администрацијата го менува курсот, односно од досегашното фокусирање врз борбата против тероризмот и воениот развој се врти кон внатрешните програми кои претходно беа укинати. Претседателот Буш вели дека неговиот буџет се однесува на загриженоста за безбедноста предизвикана од војната против тероризмот.

„Поради континираната терористичка закана против американскиот народ, мојот буџет предвидува скоро за три пати поголеми трошоци за домашната безбедност од нивото кое беше во две илјади и првата година. Овие пари ќе помогнат за зголемување на сигурноста на нашите граници, аеродроми и пристаништа и за заврстување на нашата одбрана од биолошки напад.“

Предложениот буџет, исто така содржи и проектиран дефицит од околу петстотини милијарди долари. Ова, според објаснувањето на Буш, е поради разнишаниот баланс од рецесијата предизвикана од претходната администрација на демократите. Американската фискална година почнува во октомври, а завршува следниот септември. Тоа значи дека барањата за дополнителни трошоци во буџетот за две илјади и петта ќе дојдат по годинашните ноемврски претседателски и конгресни избори. Затоа, како што сметаат аналитичарите, неминовен е заклучокот дека конгресната дебата ќе придонесе за извесна промена на бројките во конечната верзија на буџетот. Членовите на опозиционата Демократска партија се на став дека предложената буџетска каса не ќе може да биде пополнета пред се поради дополнителните даночни олеснувања што ги вети токму претседателот Џорџ Буш. Или како што вели сенаторот Кент Конранд: Ние сме на пат што не води во фискална провалија.
XS
SM
MD
LG