Достапни линкови

Децентрализацијата во Македонија е неопходна


Процесот на децентрализација во Македонија е потреба и тој не произлезе од Рамковниот договорл, ниту од трендовите во развиените демократски држави, вели министерот за локална самоуправа Александар Гештаковски. Со пренесувањето на надлежностите од централната на локалната власт, целта е граѓаните да добијат поквалитетни и поефикасни услуги, бидејќи од сегашната поставеност на локалната самоуправа не се задоволни ниту граѓаните, ниту градоначалниците, оценува Гештаковски, според кого, менувањето на територијалната карта во државава нема цел да предизвика амбиент на зголемени меѓуетнички тензии.

За предлагачот на законот, 30-тината референдуми во кои граѓаните од општините со околу 200,000 жители се изјаснија дека сакаат да опстанат во постојните граници, немаат обврзувачки туку само консултативен карактер. Покренатата иницијатива за собирање на 150,000 потписи за распишување на национален референдум, според Гештаковски:

„Нема да влијае врз донесувањето на Законите. Бидејќи таков референдум може да се покрене за секое прашање и за секој закон, што значи дека тоа е нормална демократска процедура.“

Експертите од Советот на Европа оценуваат дека во Македонија како најцентрализирана држава во Европа, се неопходни радикални измени и зајакнување на општините, за што треба да се почитува мислењето на граѓаните:

„Ние очекуваме дека парламентарците во својата дебата ќе го земат предвид и мислењето на граѓаните. Моето гледиште е дека се почитува овој член шест од Европската повелба со тоа што се остава период за референдумите и за јавната дебата. Како меѓународна организација тоа е крајната точка до каде што можеме да одиме, бидејќи сепак ова е прашање по кое што треба да ослучува парламентот,“

вели Овен Мастес, експерт од Советот на Европа.

Според Горан Ангелов, претседател на ЗЕЛС, трансформацијата на системот на финансирање на општините е најважна во процесот на децентрализацијата:

„Ќе се бориме до последен здив и мора централните власти да сфатат и да разберат дека без пари тешко можеме да го имплементираме законот за локална самоуправа. Ако сакаме добра иднина за граѓаните на Република Македонија, ако сакаме да им помогнеме навистина ќе мора дел од она што се нивни приходи да се откажат и да ги префрлат на општините,“

вели Ангелов.

Според него, оптималниот број на општините треба да се движи меѓу 80 и 90, наместо 71 колку што предлага владата.
XS
SM
MD
LG