Достапни линкови

32 полицајци во Холандија вежбаат соработка со граѓаните


32 македонски полицајци неделава ќе престојуваат во Холандија како последен, четврти дел од курсот на соработка на полицијата со месното население, што се спроведува според програмата изработена од страна на мисијата на ОБСЕ во Скопје, а во соработка со македонското министерство за внатрешни работи. Полицајците од етнички мешан состав, во Холандија треба да се запознаат од блиску со концептот и техниката на полицијата на заедницата во пракса, по што истите искуства ќе можат да ги пренесат и во Македонија. Филип Толсон, еден од тренерите на ОБСЕ вклучен во обуката за целиот процес вели:

„Овој тренинг го води ОБСЕ во името на МВР, се надеваме дека овој курс ќе му овозможи на МВР, група од одбрани и искусни полициски офицери, кои ќе бидат во можност да ја имплементираат идејата за воспоставување на полицијата на заедницата, според веќе утврдениот план на МВР во таа сфера.“

Според главниот инспектор во одделот за полиција во МВР, Миле Пешовски, состојбата во која се наоѓа нашава земја:

„Укажува дека е непходно да се примени овој метод на работа. Координаторите за врска ќе бидат најпотребните луѓе коишто ќе бидат помеѓу полицијата и народот. Многу е важно прашањето полицијата навремено да добива информации од граѓаните, бидејќи граѓаните сигурно располагаат со сите информации што се случуваат во локалната заедница. Тоа непосредно ги засега, затоа што на нив им се случуваат непријатни случки. Се случуваат кривични дела со насилни елементи, коишто во последно време за жал загрижуваат и се гледа дека без нивна помош полицијата тешко дека ќе ги открива овие нови форми и облици на криминалитет.“

Полицајците кои претходно ја поминаа обуката сметаат дека граѓаните бараат и имаат потреба да добијат информација од полицијата, за што Идриз Неџати, еден од идните координатори смета:

„Нашата улога како координатори ќе биде да соработуваме со медиумите и проблемите на граѓаните ќе ни биде цел да ги презентираме од прва рака.“

За она пак што ќе се случува по обуката на 32-та полицајци за соработка со месното население, Мите Стојков, заменик на секторот за јавен ред и мир изјави:

„Се претпоставуав дека откако ОБСЕ ќе ја заврши својата мисија и функција во нашата земја, ќе треба МВР, односно преку тие координатори да ја продолжи работата за градење на довербата помеѓу полицијата и месното население.“
XS
SM
MD
LG