Достапни линкови

Македонија наликува на оние мали земји каде што непречено се перат пари


Иако, веќе десет години фигурира како дел од кривичниот законик на Република Македонија, членот 273 кој се однесува на перењето пари, до сега, ниту еднаш не е применет. Очекувам, вели професорот по кривично право Никола Тупанчевски дека со донесувањето на измените, и дополнувањата на законот за спречувањето на перење пари, ќе дојдеме во ситуација, кога овој член конечно ќе биде применет. Ваквите очекувања, според Тупанчевски ги оправдува делот од измените на законот што веќе е во собраниска процедура:

„Што се однесува на ургентноста на постапката во запленувањето и замрзнувањето на криминалните приноси. Тоа значи дека под итно ќе реагира и финансиската полиција и јавното обвинителство и судот за оние ситуации коишто навистина до сега претставуваа рак рана во напорите за спречувањето на перењето пари.“

Станува збор за напорите на земјава за зајакнување на легилсативата за борба против овој вид организиран криминал, за кој неодамна земјите од регионов повторно беа потсетени како на еден од клучните проблеми на југо-источна европа. На дводневната конференција на ОБСЕ дипломатите од САД и ЕУ, побараа од балканските земји да ги зајакнат домашното законодавство, граничната контрола и да создадат регионална мрежа за размена на информации и борба против овој вид криминал. Ваквите активности се дел од владиниот акционен план за борба против организираниот криминал, вели министерот за правда Иџет Мемети:

„Во Република Македонија интензивно се работи на донесување на законските измени во кои предвидуваме одредби за таква регионална соработка. И после тоа треба да следи воспоставување на таа комуникација и развивање на таа мрежа, за да можат органите на прогонот на Република Македонија, да комуницираат, да разменуваат информации итн.“

Во меѓувреме, никој во државава не може со сигурност да говори за обемот и степенот на присутноста на појавата на перењето пари, но вели Никола Тупанчевски:

„Сите во Македонија, како и во средствата за јавно информирање итн чувствуваме дека Република Македонија наликува на оние мали државички коишто се сметаат за оази, каде што може на криминален начин да се пренесуваат средства, имот или други криминални приноси.“
XS
SM
MD
LG