Достапни линкови

Владата треба да ги почитува колективните договори


Вчерашните 11 часовни преговори меѓу синдикатот на просветните работници и тимот на владата не резултираа со договор што би овозможил прекинување на штрајкот, но од нив произлезе препорака дека владата треба да ја смени стратегијата во решавањето на проблемите, вели претседателот на СОМК Дојчин Цветановски, коментирајќи ги резултатите од разговорите на кои не е постигнат договор за едно од клучните барања на синдикатот, а тоа е владата да профати спроведување на потпишаните колективни договори, што би значело зголемување на хранарината и исплатата на регрес, тој вели:

„Е сега, ние се договараме да утврдиме динамика за потпишување на колективните договори што немаме потпишано. Меѓутоа, ако владата ги крши веќе потпишаните колективни договори, тогаш која е логиката да потпишуваме други, кога однапред пораката е дека и тие нема да се почитуваат.“

Во барањето на владата да ги исполни обврските од колективните договори што се потпишани во 1994-тата година, синдикатот на просветните работници кој штрајкува повеќе денови, поеќе не е осамен. Штрајкот што го најави синдикатот на УПОС за наредната недела исто така се должи на незадоволството од нереализирањето на овие барања, секретарот на УПОС Пеце Груевски вели:

„Оваа влада, кога дојде на власт и кога виде што обврски има, таа требаше да побара од синдикатот, да се променат тие обврски, да рече, ние наследивме многу лоша економска и социјална положба во државата, затоа ве молиме овие точки да ги регулираме со еден закон и ние како синдикат ќе расправавме и да речеме ќе го прифатевме тоа барање. А, вака, покажуваат сила и непочитување на законот.“

Со ставот на синдикалните претставници се согласува Тодор Каламитчиев, професор по трудово право на правниот факултет во Скопје. Тој потсетува дека колективните договори што во меѓувреме се потпишани подразбираат согласност на двете страни, што се учесници во нивното склучување, во тој контекст тој додава:

„Факт е дека во Република Македонија ситуацијата е таква каква што е. Но, факе е и дека стои потпис на оној што треба да ги гарантира овие права. Рокот на важење на овие договори е две години и навистина не ми е јасно зошто дојде до овој спор кога, ако има аргументи можеше да не се продолжи важењето на истите.“

Според последниот став на владата, познато е дека министерот за труд и социјална политика Манасиевски побара компромис од синдикатот, потсетувајќи дека во државата има околу 400 илјади невработени и стечајци кои воопшто не земаат плата.
XS
SM
MD
LG