Достапни линкови

Одраз на реалната слика, но сите не треба да се ставаат под иста капа


Забелешките на Советот на Европа за состојбите во македонското новинарство ја одразуваат вистинската слика за медиумите, можеби се престроги, но се основани, велат луѓето од печатените и електронски медиуми во земјава:

„Мислам дека и овој пат не се на погрешна линија. Мислам дека нивните забелешки се основани. Ние овде што работиме најдобро знаеме, дека има и такви и такви притисоци. Македонските власти никако да се научат и да почнат да почитуваат дека во земјата мора да има слободни медиуми и дека треба да ги остават слободно да си работат. Од друга страна, што се однесува до новинарските етички и професионални стандарди мислам дека годинава има чекор подобрување.“

„Факт е дека во одредени сегменти има и кусок на професионализам, но факт е и тоа дека не може целото новинарство да се стави под иста капа и да му се пресудува дека подеднакво е под влијание на разни политички или економски центри на моќ. А, останува впечатокот дека такви странични влијание кај некои медиуми има, но тоа гледачите или читателите лесно го распознаваат.“

„Точно е тоа дека манирот на политичко влијание во медиумите е мошне моќен, за среќа не и во медиумот со кој јас раководам. Точно е тоа дека нивото на професионалните стандарди и вештини ако сакате, не е на задоволително ниво. Ние воопшто во македонскиот печат и во медиумите се соочуваме со една зголемена потреба на кадри,“


изјавија Герман Филков, заменик главен и одговорен уредник во А1 телевизија, Ристо Лазаров, директор на скопската телевизија Телма и Бранко Геровски главен и одговорен уредник на дневниот весник „Дневник“.

За влијанијата врз медиумите Лазаров вели дека самите новинари се подложни на нив и посочува:

„Дури тогап кога убаво ќе се разграничат односите меѓу основачот и редакциите ние ќе имаме една нормална состојба на нормален професионализам.“

Во контекст на констатацијата дека трите најголеми дневни весници во Македонија се во сопственост на германската корпорација „Вац“, Геровски со став:

„Јас сум убеден дека многу скоро време ќе се покаже тоа не како недостиг, туку како предност. Затоа што моето мислење дека инвестирањето во македонските медиуми од страна на странски моќни издавачи, подобрувањето на медиумската инфраструктура, законоте ќе доведе до подобрување на сите печатени медиуми во Македонија.“

За надминување на недостатоците во функционирањето на медиумите Филков со свои препораки:

„Поголема и целосна финансиска независност и силина на медиумите. И дефинитивно власта да им дозволи на медиумите слободно, независно и професионално да си работат.“
XS
SM
MD
LG