Достапни линкови

Уште една порака дека Рамковниот договор е предуслов за приближување кон ЕУ


Со подготвувањето на црната листа имиња кои го попречуваат спроведувањето на Рамковниот договор во Македонија и со забраната за влез на тие лица во земјите на унијата, Брисел ја испрати својата порака, како еден од потписниците на договорот во Охрид, Европа не може да дозволи некој да го загрози или активно да го попречува неговото спроведување:

„Рамковниот договор е предуслов Македонија да се доближи до ЕУ. Сосема е неприфатливо кој било да застане на патот на напредокот што го прави земјата. Оние што со своите политички пораки го попречуваат или забавуваат имлементирањето на договорот ќе бидат именувани,“

вели портпаролот Шина Томсон.

Со овој потег, ЕУ и покрај нејзината внатрешна нехомогеност успева да најде заеднички интерес и можност за мобилизирање на сите нејзини капацитети, оценува директорот на Форум центарот за стратешки истражувања Ѓунер Исмаил:

„ЕУ не може да се изземе од одговорноста за состојбите во регионот. Со именувањето, или со посочувањето на луѓето коишто го попречуваат стабилизирањето на регионот во секоја смисла на зборот, ЕУ дејствува и кон нашите политички елити, дали тоа се владеачки или опозициони, потсетувајќи дека тие всушност не си го вршат делот од нивните задачи или работи коишто им следуваат.“

Тој додава:

„Тоа ЕУ го прави, да немаме илузии, пред се во сопствен интерес. Бидејќи сфаќа дека сојузништвата коишто ги склопуваше во минатата деценија и кусур на Балканот, не секогаш беа продуктивни и не секогаш беа вистински сојузништва. Понекогаш тие сојузништва на прв поглед им носеа некаков политички профит, но на крајот резултираа со проблеми на нивните територии.“

Принципот на објавување на црните листи не е нов и прв пат применет во Македонија и во регионов. Надежите се дека тој ќе ја исполни својата цел:

„Ако не, тогаш ќе биде пораз на елитите во ЕУ коишто ги смислуваат работите и пораз на нашите политички елити коишто се обврзани со нивните потписи од оваа земја да направат пристојно место на живеење.“
XS
SM
MD
LG