Достапни линкови

Колин Пауел во посета на Русија


Американскиот државен секретар Колин Пауел од денеска е во дводневна посета на Русија. Покрај разговорите со шефот на руската дипломатија Игор Иванов и со министерот за одбрана Сергеј Иванов, Пауел ќе има средба и со претседателот Владимир Путин. Главни теми се билатералните односи и анти-терористичката кампања.

На средбата во Москва со рускиот министер за надворешни работи Игор Иванов, Пауел изјави дека односите меѓу Соединетите Држави и Русија, поранешни соперници од времето на студената војна, сега имаат солидна основа за постојано унапредување. Двајцата министри размениле мислења за клучните регионални проблеми, вклучувајки ја и ситуацијата во Ирак, блиско-источната криза, а станало збор и за проблемите со нуклеарните програми на Иран и Севрена Кореја. Во билатералната сфера, Пауел и Иванов ги разгледале и прашањата за активирање на руско-американската спогодба за намалување на стратешките офанзивни потенцијали, како и економската соработка, особено во областа на енергетиката и инвестициите. Според американски извори, посетата на Пауел на Москва е со цел и да се искаже американската загриженост за демократијата во Русија, како и за руското воено присуство во Грузија и во Молдавија. За време на вчерашниот престој во Тбилиси, Колин Пауел изјави дека Соединетите Држави немаат намера да стационираат воени бази во Грузија.

„Што и да правиме во Грузија, тоа ќе биде предмет на разговори меѓу двете земји, но ние не бараме стационирање бази. И загриженоста околу тоа прашање е беспредметна.“

Пауел додаде дека американската мисија за обука и опремување на грузиските безбедносни сили ќе заврши во мај годинава, и ги повика и руските сили да се повлечат од таа земја. Американскиот државен секретар денеска ќе има средби и со рускиот претседател Владимир Путин и со министерот за одбрана Сергеј Иванов, а утре се предвидени разговори со новиот претседател на Думата Борис Гризлов.
XS
SM
MD
LG