Достапни линкови

Само со промовирање на демократијата е можна победа врз тероризмот


Американскиот потпретседател Дик Чејни во денешното обраќање на Светскиот економски Форум во Давос изјави дека само со промовирање на демократијата е можна победа врз тероризмот во светот. Сепак, тој и со ставот дека Соединетите Држави се подготвени да употребат сила ако тоа е неопходно.

Американскиот потпретседател Дик Чејни денеска во Давос побара од Европа да им се приклучи на Соединетите Држави во промовирањето на демократијата во Иран и во арапскиот свет. Според него, тоа е клучот за извојување победа во глобалната војна против тероризмот.

„Мораме да се конфронтираме со идеологиите на насилство во нивниот корен со промовирање на демократијата на Блискиот Исток и пошироко.“

Изјави, меѓу другото, потпретседателот Дик Чејни во обраќањето на Светскиот економски форум во Давос. Тој како примери на драматичен развој на демократијата ги наведе Ирак и Авганистан, а како земји каде што има чекори за реформи ги спомна Мароко, поради поголемата заштита на правата на жените, Јордан, поради послободните медиуми и Бахреин, поради тоа што за прв пат е дозволено жените да учествуваат на избори. Според Чејни, Европа и Соединетите Држави би требало да се здружат во охрабрувањето на иранската влада во однос на, како што оцени, легитимните барања на иранскиот народ. Чејни исто така побара од Европа да ги поддржи реформите на Блискиот Исток и во барањето решение за израелско, палестинскиот конфликт. Соработката меѓу владите и меѓународните институции е многу поважна денес отколку во минатото, рече Чејни додавајќи дека сепак некогаш треба да се биде подготвен да се употреби и сила.

„Кога дипломатијата губи ние мора да бидеме подготвени да се соочиме со нашите одговорности и да употребиме сила ако е тоа неопходно. Директните закани бараат решавачка акција.“

Вчера исто така во Давос, генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан предупреди дека Соединетите Држави и другите богати земји премногу се фокусирани врз борбата против тероризмот и оти тоа може да доведе до дополнителни тензии во светот.
XS
SM
MD
LG