Достапни линкови

Ако има докази за злоупотреба треба да се поднесат кривични пријави


Доколку републичкиот јавен обвинител има докази за злоупотреба на службената должност од страна на судиите тоа треба да го инситуционализира, односно да поднесе претставки до Републичкиот јавен обвинител или да поднесе кривични пријави, вели Агим Мифтари претседател на Здружението на судиите во контекст на оценките на обвинителот Александар Прчевски дека некои судии работат нестручно или несовесно што пак придонесува за бавност и неефикасност на судството. Тој признава дека има проблеми во судството и додава

„Обвинителот веројатно оценува дека во судството се случува нешто, за кое треба и тој да преземе некакви ингеренции, согласно со законот за јавно обвинителство, бидејќи е еден од органите на прогон за откривање на кривичните дела. Меѓутоа, дали е избран најдобриот начин е прашање на време, меѓутоа очигледно е дека треба да се реагира и во судството, покажува и реагирањето на граѓаните на долгите судски постапки и нормално тоа граѓаните, ако траат постапките долго и да се посомневаат во исходот. Добро е што обвинителот во еден дел се огради дека се работи за одделни судии, а не за корумпирано судство, што навистина би било неприфатливо.“

Дека нема простор за забелешки генерално за работата на судството и оти може да се зборува за поедини случаи, сметаат и во Републичкиот судски совет

„Во најголем број на судии, коишто ја извршуваат судиската функција, истата се извршува доследно, а пак овој состав на Републичкиот судски совет, каде што ќе утврди дека некој од судиите несовесно или нестручно работи ќе превземе мерки во рамките на надлежностите што ги има, а основната дејност на овој орган е предлагање на избор и предлагање на разрешување на судии.“

изјави Ленче Софрониевска претседател на Републичкиот судски совет. Таа информира дека во четири случаи се поведени постапки за утврдување на одговорност на судии и објаснува:

„Водењето на постапките спрема судиите се по својот карактер доверливи, што е и логично, бидејќи граѓаните не треба да ја изгубат довербата спрема било кој судија додека не се утврди неговата одговорност.“
XS
SM
MD
LG