Достапни линкови

Директен атак врз правото за штрајк


„Тоа е директно кршење на правото за штрајк во оваа држава и вршење притосок,“

вака просветните работници го прочитаа известувањето од Министерството за образование што пристигна до синдикатот, непосредно пред одржувањето на генералниот штрајк што е закажан во понеделник:

„На некој начин, тоа што се прави е и кривично дело. Многу јасно е кажано, вршење притисок во синдикални активности, во синдикално огранизирање, одобено во генерален штрајк е кривично дело што се прави,“

вели претседателот на синдикатот за образование Дојчин Цветановски по известувањето од Министерството за образование во кое се укажува дека за време на штрајкот вработените во основните и средните училишта, треба да обезбедат минимум услови за работа. Во објаснување на таквите инструкции, заменик министерот за образование, Тале Герамитчиевски кусо изјави:

„Има дефинирано кои се минимумите, ние само го цитиравме законот. Има закон за основно и за средно образование во кои се дефинирани минималните услови.“

Претседателот на синдикатот Цветановски пак, констатира дека не станува збор за примена на одредбите од законот, туку за демонстрација на намерата на Министерството за образование да изврши влијание врз дел од наставниците и учениците да одржуваат настава за време на штрајкот:

„Не ми е јасно што се случува во Министерството за образование, па тоа никогаш, дури ни претходната влада, која се сметаше за десничарска, ваква – таква, не се осуди да направи такво нешто. Јас под итно ќе барам меѓународни претставници за образование и од меѓународната организација на трудот да дојдат во Република Македонија да видат што се случува овде.“

Во меѓувреме просветните работници во државава најавуваат дека во понеделник ќе ја почитуваат одлуката на синдикатот за стапување во генерален штрајк.

„Не може ова да не исплаши, може уште повеќе да го зголеми револтот.“

Алуш Халити, директор на едно скопско училиште, аргументирајќи ја оправданоста на незадоволството на вработените во образованието вели:

„Би рекол највиталниот дел од општеството, иднината на ова општество е ставена на маргините.“

Заменик министерот за образование Тале Герамитчиевски се согласува дека правото на штрајк е лигитимно, но коментирајќи ги барањата поради кои штрајкот се одржува во образованието вели:

„Тоа не е само наша работа, тоа е макроекономска политика на владата. Не е само за едно министерство барањето, тоа е и за министерството за култура и министерството за социјала и труд.“
XS
SM
MD
LG