Достапни линкови

Штрајк во образованието и продолжен зимски распуст


Зимскиот распуст на учениците од основното и средното образование што завршува во понеделник, сепак може да биде пролонгиран. Таквата можност, како што велат во синдикатот на просветните работници зависи од тоа дали владата до петок ќе постигне договор со нив за нивните барања, откако пред новогодишните празници тие донесоа одлука за генерален штрајк:

„Доколку евентуално ги прифатат барањата, тогаш нема да се одржи штрајкот. Меѓутоа, како што сега стојат работите, веројатноста за одржување на штрајкот е над 90 насто,“

изјави претседателот на синдикатот на просветните работници Дојчин Цветановски.

Коментарите на владата дека штрајкот е избрзан, тој ги отфрли, потсетувајќи:

„Напротив, јас кажувам дека штрајкот доцни цели десет години, ваков штрајк. Бидејќи точно десет години владата го крши Законот за работни односи во делот на платите.“

Просветните работници бараат при утврдување на платите да биде земен предвид квалитетот и обемот на работата:

„Барањата се практично за да се почитува законот во оваа држава и да се почитуваат колективните договори, така како што работи целиот свет.“

Просечните примања на професор во средното обраозвание изнесуваат 200 евра, а на техничкиот персонал 80 евра. Таквите плати делуваат демотивирачки на вработените во образованиет, вели Цветановски. Тој ја потсетува владата дека можноста од пролонгирање на зимскиот распуст на учениците од понеделник поради можниот штрајк, ќе претставува одговорност на Министерството за образование, кое е надлежно да определи минимум работни денови за да се верификува годината:

„Колку ќе трае штрајкот, тоа веќе не е наша надлежност и не зависи од нас, туку од владата и ресорните министерства. Тој може да трае и еден ден, ако на 26-ти се договориме по нашите барања, а може да трае и навистина многу подолго.“

Во врска со таквите најави, Славица Арсовска, потпретседател на Унијата на средношколците на Македонија вели:

„Ние наоѓаме разбирање за професорите дека имаат ниски плати и ги поддржуваме во тоа. Но, доколку дојде до било какви последици по нас средношколците, во смисла да треба нагло да испрашуваат или да правиме тестови, доколку дојде до случај да се губи годината, во тој случај нема да поддржуваме и нема да може да најдеме разбирање, бидејќи во тој случај тие ќе треба да најдат разбирање за нас.“

Инаку, со законот за образование се предводува дека се потребни минимум 180 работни денови за да може да се верификува учебната година. Минатата година, поради проблеми од етничка природа, во дел од училиштата во државава на неколку наврати дојде до пролонгирање на наставата.
XS
SM
MD
LG