Достапни линкови

Господин Тимотеј, портпарол на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ. Во Нишкиот договор никогаш не се откажавме од името на МПЦ


Генерална оценка на МПЦ е дека раздорот во неа е резултат на заведување на дел од монасите од страна на Српската црква, но за да се случи тоа, претпоставка е дека, постоело погодно тло во самата црква врз кое потоа можело да се дејствува. Во една прилика рековте дека се направени извесни брзопотезни регрутирања на монасите?

Јас кажав во друг контекст дека избрзани чекори се направени можеби токму со избор и поставување на Зорана, а не за монасите. Се разбира, за да стане епискот треба прво да биде монах. Така што, моето оградување се однесуваше поконкретно на екс епископот и митрополит, односно на Вранишковски, којшто брзопотезно се смести во редовите на Светиот Архиерејски Синод, без доволно оценување и без доволно познавање, ниту на состојбата на МПЦ од неговата страна, ниту пак од страна на членовите на Синодот, кон неговата личност, превртлива или онаква каква што ја знаете, односно ја знае целата јавност. Тој направи, колку ние и да сакаме тоа да го игнорираме, едно сериозно предавство, на македонскиот народ и на традициите на Св. Климентовата црква и се приклучи кон Св. Савска, односно СПЦ. Независно колку тие сакаат да кажат дека ќе служат на македонскиот народ, тие служат апсолутно против македонскиот народ и тоа во најсуштественото, да излезат во пресрет на СПЦ, а тие на Грците за да ни го избришат името македонско.

Може ли МПЦ да излезе неповредена по заминувањето на дел од монаштвото? Колку тоа може да внесе забуна во натамошното однесување на верниците и монасите? Во таа насока е и примерот на Архимандритот Софроние кој ја напушти црквата притоа отфрлајќи дека се приклучил кон Вранишковски?

Колку може или колку не може, јас не сум пророк, ниту пророчки син да ги предвидувам нештата, но мислам дека тоа е многу јасно, дека тие сакаат да направат нова стратегија, на ново збунување и на ново регрутирање на некоја, така да кажам, христијанска наивна душа, што ќе им поверува на такви обмани. Но, ако ние сите така брзо се откажуваме од верата и од црквата, само затоа што сме лично погодени од некоја одлука, замислете, јас сум сакал да бидам не знам што во оваа црква, па Синодот не ме поставил, и сега се откажувам од нашата реалност и од мојот завет, да служам на црквата, народот и на бога, што би било од таа црква. Тоа зборува колку е тој навистина припадник на монасите, и колку навистина и припаѓа на МПЦ, а независно дали тој ќе се одклучи да го следи расколникот Вранишковски или да следи било каква друга секташка организација или групација.

Денес велите дека Вранишковски направил сериозно предавство за да излезе во пресрет на СПЦ и да ни биде избришано името. Гледано хронолошки, расколот во МПЦ почна да се случува по потпишувањето на Нишкиот договор. Зошто вие го потпишавте тој договор?

Прво, не е точно дека Нишките разговори се некоја облигација на Синодот на МПЦ, ниту пак на самите што го парафирале. Бидејќи, ние самите кажавме дека тоа не е никаков потпис на прифаќање или неприфаќање, туку бидејќи српските Архиереи често пати кога се седнуваше на разговор стално изнесуваа некои текстови на коишто сме работеле, од многу поодамна и коишто некои прашања сме ги надминале, и стално ни ги подметнуваа, за да не дојде повторно да се расправаме, дали е овој текст или оној и по еден час – два губевме во почетокот, отприлика нешто како парламентарците, ќе почнат да се договараат за дневен ред, која точка да биде прва, втора итн, нешто слично се случуваше, се разбира во помали димензии и со нас. Од таа страна, се дадоа едни парафи, меѓутоа, тие ниту беа обврзувачки за нас, што сме ги парафирале, доколку целокупниот свет архиересјки синод на МПЦ, не го прифати тоа. Во краен случај, секој човек може по некое време и да согледа некои недоследности или некои работи коишто можеше тоа да се подобри. Лично јас, сметав дека таму имаше само неколку точки на коишто требаше да се ублажат, и да се доработи тој, во принцип, којшто можеше да го прифати не само членовите на Светиот архиерејски синод, свештенството и монаштвото, туку и целиот македонски православен народ. Но, од страна на СПЦ тоа се исползува, односно се злоупотреби за да кажат, има поголемо бројно членство во Синодот и тие се доволно. Во Синодот секогаш не се одлучува со просто мнозинство, има работи кои се одлучуваат со апсолутен консензус.

Идејата на Нишкиот договор, беше влегување на МПЦ под синтагмата Охридска Архиепископија, тоа е идејата што денеска ја бранат оние што ја напуштија МПЦ?

Видете, ние никогаш и во Нишкиот договор не се откажавме од името МПЦ, како што тоа сакаат да го претстават некои. Туку, ние предлагавме да има можност за двојна употреба. На оние цркви, на коишто ќе им пречи името македонска, а тоа е грчкиот блок, да не нарекуваат Охридска архиепископија, додека ние никогаш и пред никого нема да се нарекуваме Охридска архиепископија, туку секогаш ќе се нарекуваме МПЦ, со тире Охридска архиепископија. Безизлезот од еден лавиринт во којшто сме западнати, но тоа очигледно СПЦ, служејќи на грчките интереси, едноставно не сакаше да го прифати. И тука беше тоа каде што се скрши колата за одење напред.

Има ли изгледи и воопшто расположение за разговори со СПЦ во иднина?

Не исклучувам можности, теоретски, а кога постојат теоретски, значи тоа може да се случи, за разговори, со посредништво на трета страна, којашто ќе биде ослободена од оние национални набои коишто постојат, како кај македонската страна, исто така и кај српската.

Во надминувањето на спорот меѓу двете цркви, беше најавено и посредништво на Руската православна црква. Како ја оценувате досега таквата улога на таа црква?

До овој момент, не гледам некој голем напредок или некој голем учинок што можеме да го видиме. Но, тоа не значи дека Руската православна црква не прави обиди да создаде можности и прилики да посредува, но за посредништво знаете дека треба да има желба и волја од двете спротиставени страни, односно ако МПЦ искажува спремност за посредништво на Руската православна црква, ние не знаеме како реагира, односно, постапките на СПЦ, добиваме впечаток дека не се највоодушевени од таквите желби и намери на Руската православна црква. Па, затоа ги прават последниве чекори што ги прават.

Какви се реакциите на православните цркви по раздорот што се случи. Во контактите со нив, има ли примери на поддршка на МПЦ во ситуацијата пред која сега таа е исправена?

Ние никогаш не сме престанале да контактираме и да комуницираме со сите оние, што се разбира, сакаат да комуницираат. Но, бидејќи состојбите се такви какви што се, во светото православие, голема полза, барем во овој момент не гледаме од истите.

Тогаш какви се перспективите на МПЦ во иднина, какво место таа според вас ќе има во православниот свет во ситуација кога монасите што се отцепија од нашата црква, всушност се оние што стапија во канонско единство со православната икумена?

Светиот архиерејски синод на МПЦ, никогаш не престанал да делува и да се труди да издејствува апсолутно единство со сите православни цркви за да влезе во најширокото семејство на православните цркви. Но, со разбира со достоинство, коешто требаат да го имаат, односно го имаат останатите православни цркви. Ние ништо повеќе не бараме, и ништо помалку не нудиме, отколку што го бараат и даваат светите канони на православието, а тоа е македонска православна црква, бидејќи имаме своја суверена држава, тоа впрочем обврзува, не само желбата и волјана на нашиот народ, туку тоа го потврдуваат и каноните на светото православие.
XS
SM
MD
LG