Достапни линкови

Ирачката војна политички производ на Буш


Ирачката војна е политички производ на американскиот претседател Џорџ Буш во обидот да обезбеди изборен успех за неговата Републиканска партија. Вакво обвинување деновиве дојде од сенаторот Едвард Кенеди, ветерански лидер на демократите во Конгресот.

Во одржувањето на жестината на изборната година во Соединетите Држави, сенаторот Едвард Кенеди, брат на убиениот претседател Џон Кенеди, остро го нападна Џорџ Буш, обвинувајќи го за заведување на американците во добивањето на нивната поддршка за војната во Ирак. Кенеди изјави дека Буш неодамна беше запрашан дали поранешниот ирачки претседател Хусеин навистина поседувал оружје за масовно уништување, главната причина за воената интревенција, или само постоела можност тој да дојде до такво оружје.

„Претседателот Буш одговори: Каква е разликата. Разликата, господине претседател, е во тоа дали ќе одите во војна или не. Ниеден претседател на Соединетите Држави не би требало лажно да ја претставува вистината за да ја поведе земјата во војна. Со тоа претседателот ја крши основната нишка на доверба меѓу владата и народот. Доколку Конгресот и американците ја знаеја вистината, Америка никогаш немаше да оди во таа војна.“

Едвард Кенеди додава дека претседателот го искористил стравот од септемвриските напади за да ги измами американците и за да ја оправда војната што, според Кенеди, би можело да стане една од најлошите надворешно политички чекори во историјата на Соединетите Држави. Како резултат на американскиот фокус врз Ирак, вели Кенеди, на терористичката мрежа Ал Каида на Осмама бин Ладен и било овозможено да се регрупира откако претходно беше совладана во војната против талибанците во Авганистан.

„Војната направи Америка да биде поомразена во светот, посебно во исламскиот свет. Тоа го направи нашиот народ поизложен на напади, дома и во странство.“

Кенеди исто така го пофали поранешниот министер за финансии Пол О Нил кој деновиве во својата книга објави дека администрацијата на Буш го започнала планирањето за смена на ирачкиот режим многу порано од септемвриските терористички напади врз Соединетите Држави. Портпаролот на Белата Куќа Скот Мекклилан, запрашан за критиките на Кенеди одговора:

„Мислам дека она што го зацртавме е многу јасно. Дозволете да ве потсетам дека светот е побезбеден и подобар откако ја презедовме акцијата за сменување на бруталниот режим во Ирак. Претседателот работеше на избегнувањето на сите можни дипломатски последици пред да ја преземе таа акција.“

Но, Кенеди смета дека Буш и она што тој го нарекува ,,Бушовата оска на војната,, односно, потпретседателот Дик Чејни, секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд и неговиот заменик Пол Волфовиц се фокусирале врз Ирак со цел да го поделат Конгресот, да го одвлечат вниманието на американците од лошата економија и да победат на претстојните избори. Од друга страна, републиканците оценуваат дека ваквите обвинувања на Кенеди претставуваат одвратен напад и навреда за патриотизмот на претседателот Буш.
XS
SM
MD
LG